1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкото општество станува насилно кон странците

Јанис Пападимитриу / Александар Методијев30 август 2012

Атмосферата во Грција е тензична. Се‘ почесто цел на напади се странци. Грчките експерти сметаат дека кризата и традицијата на недостаток на конзензус е причина за тоа.

https://p.dw.com/p/160FL
Фотографија: Reuters

Минатата сабота (25.08.) во местото Манолада во Западна Грција, каде секоја година странските сезонски работници помагаат во бербата на јагоди, двајца мажи по жестока расправија притиснаа 22-годишен Еѓипќанец со странично автомобилско стакло и го влечеа речиси еден километар низ улиците. Според полицијата, Еѓипќанецот прв ги нападнал своите мачители. Левоориентираните опозициски весници информираа дека човекот само си ги барал заработените пари.

Во последно време се’ повеќе се информира за напади врз странци. Прво, во средината на август, еден Ирачанец беше избоден во центарот на Атина. Организациите за заштита на човековите права информираат дека само во последните два месеца во Грција имало најмалку 200 случаи на напади со расистичка позадина. Пред се’ десно-екстремистичката Златна зора, која е претставена во парламентот со 18 пратеници, го шири стравот дека земјата ќе се преполни со странци.

Regierungskrise in Griechenland
Грците стануваат агресивни кон странцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Во меѓувреме, експертите гледаат паралели со Вајмарската Република во Германија на почетокот од 20-от век.

„Постојат паралели меѓу денешна Грција и Вајмарската Република. На пример, некои современици замислуваат дека се подобри од другите или дека целиот свет прави конспирации против земјата“, објаснува социологот и писателка Елени Карасавиду. Луѓето очегледно бараат некого да обвинат за нивната економска и социјална ситуација. „Така, послабите, во случајов имигрантите, служат како жртвени јарци“, објаснува социологот од Солун.

Често се случува и имигрантите да се сторители на насилство. На почетокот од август маж од Пакистан на островот Парос нападна и силуваше 15-годишна Гркинка. Девојчето од тогаш е во кома. Полицијата го уапси наводниот напаѓач и едвај го спаси од линчување од насобраниот народ пред судот.

Flash-Galerie Bildergalerie Das bewegte die Welt im Jahr 2011 Jahresrückblick international 2011
Жестоки судири во Атина имаше и во летото 2011-таФотографија: AP

Во летото 2011-та во Атина се случи дотогаш невиден инцидент. Тројца Африканци од северот на континентот избодеа млад татко на улица во обид да му ја земат видео камерата. Случајот доведе до немири против невините доселеници. Полицијата мораше да употреби солзавец против насилниците.

„Работата е навистина премногу комплицирана. Нападот против доселениците е потполно неприфатлив и под ниту едни околности не може да се толерира. Но, мора нешто да се забележи, а тоа е дека Грција има растечки проблем со доселениците и се чувствува оставена сама на себе во справувањето со него. Колку повеќе ескалира кризата, толку повеќе подготвеноста за примена на насилство во општеството ќе расте“, забележува Панагиотис Јоакеимидис, професор на европски студии на Универзитетот во Атина.

Експертот за Европа жали за недостатокот на поддршка од Европа за осигурување на грчката источна граница, која е и надворешна граница на ЕУ. Но, тој забележува и дека одговорност на грчката влада е да го спречи насилството.

„Кофронтациите се дел од стандардниот репертоар на нашите политичари“, забележува професорот, додавајќи дека ако се погледне скорешната историја на Грција ќе се забележи дека на политчката класа речиси секогаш и‘ недостасува културата на барање компромис.

Надеж сепак се гледа во новата коалициона влада, која е уникатен експеримент за консензус, каков што досега немало. Дел од експертите велат дека не им е потребен можеби перфектен рај во земјата, но оти во исто време не сакаат да живеат во социјална џунгла.