1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гутенберг - млад и економски неискусен?!

Агенции (Г.Ч.)10 февруари 2009

Новиот министер за економија, Карл Теодор цу Гутенберг, денеска на пладне ќе ја добие и официјално повелбата за именување од претседателот на државата Хорст Келер. Реакциите во политички Берлин се поделени.

https://p.dw.com/p/GqdR
Брз подем и тежок почеток: Карл Теодор цу ГутенбергФотографија: AP

Поранешниот премиер на покраинската влада за Баварија, Гинтер Бекштајн, јавно го критикуваше стилот на раководење на актуелниот претседател на Христијанско-социјалната унија и премиер на баварската влада, Хорст Зехофер. Тој смета дека досегашниот министер за економија, Михаел Глос, требало да добие поголема поддршка од претседателот на неговата партија, како и од сите други учесници во политичкиот процес, наместо да биде едноставно сменет.

Незадоволство од изборот на новиот министер за економија доаѓа и од водечкиот експерт за економски прашања на парламентарната група на ЦДУ и ЦСУ, Ото Бернхард. „Гутенберг е способен за министерско место, но до сега се профилираше пред се’ како специјалист за надворешна политика. Ова персонално решение покажува уште еднаш дека во партиите на унијата нема доволно млади политичари со економски потенцијал.“

Der designierte Bundeswirtschaftsminister Karl-Theodor zu Guttenberg,der Vorsitzende der Christlich Sozialen Union CSU, Horst Seehofer,
Персонална бура во ЦСУ: новиот министер Гутенберг со шефот на партијата ЗехоферФотографија: AP

На критиката на Бернхард и’ се приклучи и членот на парламентарната комисија за економски прашања Андреас Лемер, исто од ЦДУ, кој смета дека во време на светска економска криза ова министерство требаше да го преземе некој докажан економски експерт.

И опозицијата критикува

Критика на начинот како беше сменет претходниот министер Глос дојде и од редовите на социјалдемократската партија. Нејзиниот претседател Франц Минтеферинг оцени: „Играта што ја одиграа партиите на Унијата не е добра општо за политиката. Тоа е нивна работа, но јас сакам нашата земја да не се најде во лошо светло“ - порача Минтеферинг и додаде дека оставката се случила на недостоинствен начин. Партискиот претседател требало да му даде дополнителна поддршка на Глос, а не на брзина да му ја одземе функцијата.

Deutschland SPD Franz Müntefering und Frank-Walter Steinmeier
Претседателот на СПД, Минтеферинг со сопартиецот и шеф на дипломатијата ШтајнмајерФотографија: AP

И шефот на Либералите Гидо Вестервеле оцени дека целата афера со сменувањето на Глос е лоша за имиџот на земјата. А еден од водечките политичари на Партијата на Зелените и поранешен министер, Јирген Тритин, оцени: „Имаме ситуација во која на местото на апчето за спиење сега доаѓа млад практикант без искуство!“

Поддршка од Брисел

Заменик претседателот на Европската комисија и еврокомесар за индустрија, Гинтер Ферхојген, го поздрави именувањето на Гутенберг. „Го ценам како многу талентиран млад политичар и сметам дека ќе имаме пријатна и плодна соработка. За мене е најважно Германија, како најголема членка на Унијата и најголема стопанска сила во ЕУ, да биде соодветно претставена во Брисел. Дека тоа новиот министер може да го оствари, не се сомневам ни најмалку“ - порача еврокомесарот Ферхојген.

15.11.2008 DW-TV Journal Reportage Guenter Verheugen
Заменик претседателот на Европската комисија, Гинтер ФерхојгенФотографија: DW-TV

Новиот министер Карл Теодор цу Гутенберг, пак, во интервју за Втората програма на германската телевизија, синоќа изјави: „Во светската економска криза се наоѓаме во фаза во која се бара способност за дејствување, пасија за економска политика и во која сите мораме да си дозволиме одредена флексибилност за да се соочиме со оваа несекојдневна состојба.“