1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г-8 во сенка на кризата на Блискиот исток

16 јули 2006

И самитот на Групата 8 во Санкт Петерсбург е во сенката на најновите настани на Блискиот исток. Учесниците повикуваат на воздражност, но засега нема единствен став. Колку и да се моќни, се чини дека се немоќни, барем засега, а и различни им се интересите во тој регион:

https://p.dw.com/p/Ac4v

На маргините на самитот, американскиот претседател Џорџ Буш, по средбата со неговиот британски партнер Тони Блер, многу јасно му порача на Израел: „Бранете се, но мислете и на последиците„, за истовремено одговрен за сегашната ситуација да го прогласи радикално-исламистичкиот Хезболах:„Започна зашто Хезболах грабна двајца израелски војници и истрела стотици ракети врз Израел:

„Сите суверени нации имаат право да се бранат против терористички напади. Сепак, се надеваме на воздржаност во одговорот. Една од нашите грижи е кревката демократија во Либан„.

За разлика од него, британскиот премиер Тони Блер изрази надеж дека на крајот на самитот сепак ќе биде постигант единствен став за најновите настани:

„Сите сакаме смирување на ситуацијата зашто е потребно да се одбрани демократијата во Либан. Освен тоа треба да се вратиме на преговарачкиот процес за решение со две држави: Израел и независна одржлива држава Палестина„.

За разлика од нив, францускиот претседател упати критики кон Израел поради претераната употреба на сила. Тој побара резолуција од самитот во која сите страни во конфликтот ќе бидат повикани на запирање на непријателствата. Критики кон обете страни упати уште вчера домаќинот на самитот Владимир Путин:

„Го делам мислењето дека не можат да се постигнат политички или други цели со употреба на оружје и грабнувања или напади врз суверена држава. Во тој поглед загриженоста на Израел е оправдана. Меѓутоа, сметаме дека Израел требаше поумерено да реагира. Ескалацијата води во ќорсокак„.

Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел телефонски разговараше со јорданскиот крал Абдала кој побара од неа да посредува во конфликтот.

Главните теми, енергијата, здравството и образованието засега се во сенка на кризата. За енергетскиот дел е договорен став дека секоја земја сама ќе го одбира патот за нејзино обезбедување, зашто Германија го одбива користењето атомска енергија.