1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Давеникот“ бара нова сламка

25 мај 2010

Во борбата против нафтената дамка во Мексиканскиот залив, концернот „Бритиш петролеум“ планира утре под голем притисок да испумпа огромни маси кал и на тој начин да ја затвори дупката на 1.500 метри морска длабочина.

https://p.dw.com/p/NW1U
Големи штети-брегот на ЛуизијанаФотографија: AP

Шефот на нафтениот концерн „Бритиш петролеум“, Тони Хејвард самиот ја увиде ситуацијата во Мексиканскиот залив. Хејвард на прес-конференцијата на плажата во Луизијана загадена со нафта ги призна размерите од кризата, иако претходно процени дека нафтената дамка нема да предизвика големи еколошки последици.

„По она што овде го видов, јас сум исто толку потиштен колку и вие. Ќе сториме се’ што е во наша моќ, за да не се излева уште повеќе нафта на брегот. Секоја капка нафта ќе ја отстраниме и ќе се погрижиме за сите настанати штети врз животната средина.“

Одговорноста ја сноси концернот БП

Дека концернот „Бритиш петролеум“ и само тој е одговорен за нафтената катастрофа, нагласи и министерот за внатрешни работи во владата на Обама, Кен Салазар, кој исто така ја посети Луизијана. Американската влада ќе врши притисок врз концернот, се’ додека проблемот не биде решен подвлече министерот.

Во текот на викендот, министерот Салазар дури и се закани дека во случај „Бритиш петролеум“ да не може да се справи со катастрофата, ќе биде побарано друг да раководи со кризиниот менаџмент, но главниот координатор за справување со кризата во американската влада, адмиралот Тед Ален трезвено подвлече:

„ Ако го потиснеме ’Бритиш петролеум’ настрана, прашање е кој ќе го замени концернот?“

Имено, во последниве пет недели, откако се случи хаваријата на нафтената платформа стана јасно дека американската влада нема ниту машинерија ниту стручи познавања како да се справи со катастрофата. Притисокот од јавноста се зголемува со секоја нова слика на птица потопена во нафта или мртва риба. Повеќе од 100 километри пред брегот на Луизијана во меѓувреме се покриени со нафта.

Protest gegen BP Ölpest USA Flash-Galerie
Протест против „Бритиш Петролеум“Фотографија: AP

Нова надеж

По повеќе одложувања „Бритиш петролеум“ планира утре нов обид за затворање на изворот на дното на морето. Концернот планира да ја затвори дупката со кал и потоа да ја зациментира. Тоа е тешко, преупреди координаторот на тимот кој го формира претседателот Обама, адмиралот Тед Ален:

„Станува збор за длабочина од 1.500 метри и такво нешто досега не било испробано.“

Можностите, нафтениот извор да биде затворен на овој начин се проценуваат на 60 до 70 проценти. Ако и овој обид не успее, има и други опции, последната е да се сопре изворот на нафта со нови странични дупчења, но тоа може да потрае до август.

Автор: Ана Енгелке/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска