1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давос: Потрага по работа

Андреас Бекер
25 јануари 2018

Една од причините за националистички и протекционистички тенденции во напредните економии е што милиони работни места таму се загрозени. Што може да се преземе во тој правец е жешка тема во Давос.

https://p.dw.com/p/2rUUe
Schweiz, World Economic Forum in Davos
Фотографија: picture-alliance

Пазарите на работни места во САД, Европа и други напредни економии се под притисок. Производството на текстил и електроника е одамна преселено во Кина, Индија и други земји со голем избор на квалификувана и евтина работна сила. Кога на ова ќе се додаде  дигиталната револуција во повеќе индустрии, ете ви перфектен проблем за вработените на Западот.

За луѓе како Виџајакумар тоа пак е добар бизнис. Тој е директор на ХЦЛ, мултинационален провајдер на сервиси од ИТ индустријата со седиште во индискиот град Ноида. Фирмата има 120 илјади вработени и проблеми да најде квалификувани работници.

„Во секоја компанија која се занимава со технологија има недостиг од знаење", вели тој на Светскиот економски форум во Давос. „Веројатно има милиони работни места во технолошкиот сектор кои не се пополнети со вистинско ниво на оспособеност".

Стравот да се стане нерелевантен

Истовремено има милиони Американци или Европејци кои не можат да најдат пристојна работа или пак никаква воопшто. Им се вели дека не ги поседуваат знаењата кои се нужни во дигитално глобализирано доба.

Старите работници често пати се експлоатирани, вели професорот Јувал Ноа Харари од Универзитетот во Ерусалим и автор на меѓународниот бестселер „Сапиенс: Кратка историја на човештвото."

„Луѓето сега се плашат од нешто што е многу полошо од експлоатација. Се плашат дека ќе станат нерелевантни", вели Харири. „Кога ме експлоатираат, барем сум битен - нема да ме истераат, бидејќи кој би работел тогаш? Кога не сум релевантен е многу пострашно."

3D-Metall-Drucker
Страв од данокот на дигитализацијатаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Kjer

Стравот храни национализам

Тој страв делумно го објаснува порастот на национализмот и протекционизмот во Америка и делови од Европа, вели Арли Расел Хохшилд, социолог од Универзитетот во Калифорнија, Беркли.

Таа ја анализирала ситуацијата со работниците во Луизијана кои гласале за Доналд Трамп. „Не е дека го сакаат, туку се очајни. За нив никој друг не изгледа дека ја сфаќа ситуацијата која се влошува."

Повеќето учесници на Светскиот економски форум веруваат дека загубата на работата не може да биде стопирана со даноци и други протекционистички политики. Наместо тоа се истакнува важноста да се учат нови вештини. „Се работи за тоа како да ги преквалификувате луѓето и да ги направите стручни за новите барања", вели Виџајакумар.

 

Давос: Шефови на фирми од „вистинскиот живот“

Давос: Меркел предупредува од нов национализам

Константна потреба од нови вештини

Некои студии покажуваат дека една третина од сите работни места се загрозени од дигиталната трансформација - од касиери до возачи на камиони и вработени во бироа, банкари и адвокатски помошници. Но, студиите покажуваат и дека се создаваат нови работни места кои бараат сосема нови вештини.

„Големото прашање е дали луѓето ќе бидат во состојба да се редефинираат себеси и да ги пополнат тие места", вели Харири. „А, ќе мора да се реактивираат на секои десет години затоа што револуцијата на автоматизирање на разни процеси нема да е еднократен настан". Бескрајна „каскада од сѐ поголеми револуции и пореметувања" е најверојатното сценарио, вели тој.

Додека ова може да е проблем за млади работници, уште потешко е за оние на возраст од 40-50 години, според Харири.

Weltwirtschaftsforum 2018 in Davos | Angela Merkel
Ангела Меркел се залага за доживотно учењеФотографија: Reuters/D. Balibouse

Прашање на возраст

Германската канцеларка Ангела Меркел се согласува. Таа истакна дека Германија мора да фати чекор во тоа да стане подигитална економија, но и дека многумина се чувствуваат напуштени во таквиот тренд.

„Таквите технологии го пореметуваат и нашето општество", вели таа во говорот во Давос. „Потребен е концептот на доживотно учење. Во општество кое старее како нашето волјата да се прифатат таквите промени е ограничена."

Но, дури и да имаат луѓето волја - кој ќе плаќа за константното учење нови вештини? Државата, вели американскиот академик Арли Расел Хохшилд, и ја посочува Франција како пример: „Претседателот Макрон зборува за фондови за граѓаните кои може да бидат користени за доживотно учење. Тоа може да е модел за помалку напредни земји како мојата."

Кој ќе ја плати цената?

Институции за високо школување би можеле да влезат во нови форми на соработка, вели Мери Фланаган, професор по дигитално човештво на колеџот Дартмут во САД. „Ако размислуваме за доживотното учење и го исфрлиме концептот за универзитетот како еднократно учење, тогаш тоа покажува како универзитетите може да станат партнери со бизнисот и институциите."

Компаниите пак имаат одговорност да преземат дел од трошоците, признава Виџајакумар. „Голем број компании веќе инвестираат и ги учат своите вработени. Верувам дека буџетите за едукација ќе мора да се зголемуваат во компаниите низ светот."

Но, дури и инвестирањето во нови знаења не штити од несогласувања и разочарувања, вели Харири. „Дали ќе научиш нов код или пак нешто сосем трето, секогаш е по малку коцкање и не знаеш дали вештината навистина ќе биде потребна. Тоа што секако ќе биде им потребно на сите е емоционална и ментална резистентност за да се преживеат сите промени и стресови".

За жал, додава тој, таа вештина не се учи на ниту еден универзитет.