1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

020809 Dalai Lama Deutschland

3 август 2009

Преку 52.000 луѓе присуствуваа изминатите четири дена на духовните предавања на тибетанскиот водач Далај Лама. Пред да замине тој денеска ќе ја добие титулата почесен доктор на науки на Универзитетот во Марбург.

https://p.dw.com/p/J2Le
Харизматичен борец за тибетанската кауза: Далај Лама при интервјуто за Дојче велеФотографија: DW

„Има се` поголем број кинески интелектуалци и експерти, кои се интересираат за каузата на Тибетанците и манифестираат поддршка за неа. Тоа ни влева надеж!“

Дури и педесет години по бегството од престолнината на Тибет, Ласа, Далај Лама не ја загубил надежта дека неговиот народ еден ден ќе живее во слобода и демократија. Притоа главен адут за него е вербата во демократска трансформација на кинеското општество. Далај Лама е свесен дека тој процес може да потрае и затоа бара начини како да го поддржи. Тој интензивно контактира со претставници на кинеското граѓанско општество, односно со интелектуалци и борци за човекови права: „Изминативе години се сретнав со голем број кинески интелектуалци, научници и експерти. На шести август ќе одржиме дури и симпозиум со поголем број од нив, затоа што сакаме да го чуеме нивното мислење и предлози.“ Симпозиумот треба да се одржи во Женева.

Кина се демократизира

Далај Лама гледа јасен процес на трансформација во кинеското општество, што се движи во насока на демократизација: „Во времето кога уште бев во Кина, многу често слушав за марксизам-ленинизам. Денес ништо слично не слушам. Сега станува збор само за моќ и превласт. Тогаш Кинезите велеа дека империјалистите имаат капиталистички систем, којшто е осуден на пропаст поради општиот развој на општеството. Но, наместо пропаста на капитализмот, сведоци сме дека денес и во Кина на местото на социјализмот владее исто така капитализам. На тоа поле Кина му се прилагоди на светскиот тренд. Ерата на тоталитарните системи е на заминување.“

Dalai Lama Besuch in Deutschland
Како поп-ѕвезда: Далај Лама на бината на Комерцбанк арената во ФранкфуртФотографија: AP

Каква автономија за Тибет?

Кога станува, пак, збор за автономијата на Тибет, за која тој се бори, Далај Лама нагласува дека не бара потполна независност од Кина, туку културна и религиозна автономија. „На кусо автономијата за која се залагам подразбира централната власт да се грижи за одбранбената и надворешната политика. Локалните надлежности, како културата, религијата, екологијата и економијата треба да ги регулираат Тибетанците.“

Далај Лама нагласува дека ваквиот „среден пат“, што тој го заговара, добил поддршка и од мнозинството Тибетанци, кои живеат во егзил. Тоа го покажала и конференцијата на Тибетанците во егзил, што се одржа минатата година, порача Далај Лама во ексклузивното интервју за Дојче веле.

Автор: Матијас фон Хајн / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска