1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали АфД треба да се радува?

Кај-Александер Шолц
21 ноември 2017

Краткорочно, деснопопулистичката Алтернатива за Германија веројатно ќе профитира од неуспехот на сондирачките преговори за формирање влада во Германија, но долгорочно, ситуацијата изгледа поинаку.

https://p.dw.com/p/2nwgQ
Berlin AfD Gauland und Weidel zu Ende der Sondierungen
Фотографија: Getty Images/AFP/J. McDougall

Јамајка коалиција,  всушност, би била „кец на десетка“, добредојдена прилика за Алтернатива за Германија, констелација од која германските десни популисти можеа добро да профитираат. Зашто, во коалиција во која би учестувале Зелените, ЦДУ на Ангела Меркел би морала да се придвижи во лево, што на десниот спектар би му донел нов прилив на гласачи, мислење застапувано од многумина во АфД, но и од бројни политиколози и набљудувачи во Берлин.

Но, како партијата ја толкува сегашната ситуација? Двајцата шефови на пратеничката група на АфД во Бундестагот, Алис Вајдел и Александер Гауланд, во првиот стејтмент веднаш по одекнувањето на бомбата - крахот на сондирачките преговори, не го криеја задоволството: „Ова е неуспех на Меркел, и добро е што е така, време е таа да си замине“, беше првата реченица на Гауланд, надоврзување на мантрата која АфД неуморно ја повторуваше во изборната кампања: „Меркел мора да си оди“. Аргументацијата на Гауланд е - Јамајка би значела продолжување по старо во политиката. Сега, меѓутоа, се отвора шанса за „ново и разумно“ преосмислување на бројни прашања, на пример од политиката на азил, како за тоа дали бегалците можат да ги доведат своите семејства во Германија, но и генерално.

И Вајдел е убедена, Меркел доживеала неуспех. АфД покажува дејство, спречена е црно-зелена коалиција од Унијата и Зелените, со задоволство се исчекува разумна опозициска работа, а ако дојде дотаму - и нови избори.

„Туѓо потфрлување“

Испитувањата на јавното мислење во изминативе недели покажаа релативно стабилни вредности за АфД, дури со надолна тенденција. Од сегашен аспект, нови избори би биле поволни за партијата.

Неуспехот за формирање Јамајка коалиција, по повеќенеделните сондирања, во АфД се вреднува и како потфрлување на т.н. стари, етаблирани партии, и се прави обид да се искористи во сопствена полза. Вајдел ја повтори изјавата дека преговорите всушност претставуваа „мамење на гласачите со пари од даноците на граѓаните“, со оглед што однапред било јасно дека не е можно усогласување на толку диферентни партии.

Plenarsaal des Bundestages wird umgebaut
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Нова конкуренција?

Но, кај политичарите од врвот на АфД не се чувствува вистинско ликување. Тоа е и разбирливо, ако се земе во предвид фактот што и самите не знаат во кој правец сега ќе се развива партискиот пејсаж. ФДП и ЦСУ можеби ќе направат обид за повторно освојување на десниот раб, можеби ќе работат на нов конзервативен сојуз. Тематски, тој би бил голема конкуренција за АфД. Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, веќе е сосем приближен до критичкото стојалиште на АфД, изјави Гауланд, одговарајќи на новинарско прашање.

Во поглед на можноста за формирање малцинска влада, Вајдел пред неколку недели навести евентуално толерирање за влада на ЦДУ/ЦСУ и ФДП, но без Меркел на нејзино чело. Но, во АфД владее разногласие на оваа тема. Кај дел од раководството е присутна задршка и неволност толку бргу да се напушти улогата на фундаментално ориентирана опозициска партија.

Според Вајдел, прерано е врзување за одредени партии, веднаш потоа таа го зеде на отстрел Хорст Зехофер- шефот на ЦСУ во сондирачките преговори бил готов на жртвување на ветувањата, како она за поставување горна граница за прием на бегалци во Германија. Гласачите во Баварија тоа треба да го имаат во вид, порача Вајдел.

АфД пред избор на ново раководство

За околу две недели  АфД на партиски конгрес треба да избере ново раководство на сојузно ниво.  И тука постојат отворени прашања. Откако Фрауке Петри ја напушти партијата, нејасно е кој ќе го преземе жезлото во партиското раководење. Се споменува повторно двоец, досегашниот копретседател Јерг Мојтен заедно со Лајф-Ерик Холм, но и можност за избор на еден лидер. Со нетрпение се очекува како ќе реагира крајниот десничар на партијата, Бернд Хеке. Дали ќе се турка во првите редови? Исходот од изборот на партиско раководство ќе се рефлектира и врз работата на пратеничката група на партијата во Бундестагот. Во моментов важи се чини едно универзално правило за цел политички Берлин: никој со сигурност не знае накаде ќе води патот.