1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали банките извлекоа корист од кризата?

27 ноември 2009

Бизнис заедницата бара олабавување на монетарната политика за да заживее стопанството. Централната банка тактизира, експертите препорачуваат постeпена промена на монетарната политика, исто како што сугерира и владата.

https://p.dw.com/p/KgsC
Народна банкаФотографија: DW/Medana Weident

Каматите пораснаа за најмалку 2 процента, условите за кредитирање се заострија, кредитирањето забави – стопанството е на удар. Бизнис заедницата во Македонија подолго време бара олабавување на монетарната политика. Се надева дека таквиот потег на Централната банка ќе ги поефтини кредитите. Општиот деловен амбиент во земјата, во кој свежи пари за финансирање на бизнисот има се’ помалку, го отвора прашањето дали банкарите ја искористија кризата за да ги максимизираат профитите.

Според податоците на НБРМ комерцијалните банки во првите шест месеци од 2009 оствариле чист приход само од камати во висина од 80 милиони евра. Тоа во споредба со минатата година покажува дека заработката на име камати е во пораст.

„Банките се монопол“

Овој податок им оди во прилог на критичарите на кредитната политика на македонските банки. Бизнисменот Чедо Петров критикува: „За жал банките се монопол. Можеби единствениот монопол во државата, кој го испумпува свежиот капитал од стопанските капацитети. Кога би имале слободен пазар на пари ниту денар не би користеле стопанските капацитети од домашните банки“. Експертите во економската логика за максимизирање на профитот бараат објаснување за високите камати. Професорот Тихомир Јовановски објаснува: „Во една ваква ситуација секој би ја злоупотребил. Секоја деловна банка реално гледано е должна да го пласира успешно својот кредитен потенцијал, но за стопански развој, а не за други цели“.

Банкарите во одбрана на свотие тези

Mazedonien Land und Leute
Шалтер во Стопанска банка СкопјеФотографија: DW

Спротивни тези од обвинувањето на бизнисмените дека банките ја злоупотребуваат кризата имаат банкарите. Емилија Спировска од Про Кредит Банка вели: „Не би можела да кажам дека се злоупотребува затоа што ако се погледнат билансите, профитите се доста помали во однос на минатата година“. Аргумент на страна на деловните банки е фактот дека во ситуација на криза македонските банки успеа да го одржат системот стабилен, а штедните влогови на граѓаните сигурни.

Гувернерот на НБРМ не одговора на повиците за промена на монетарната политика

Бизнисмените бараат, а експертите сугерираат монетарната власт да размисли за постепено олабавување на монетраните стеги за да паднат и каматите. Професорот Абдулменаф Беџети вели: „Мислам дека одамна е времето, од аспект на големата потреба на стопанството за кредити, за намалување на цена на капиталот, меѓутоа едно е потреба, друго се можностите. Така што мора да се прават напори за да се изнајдат поевтини извори“.

Народната банка тактизира подолго време. Гувернерот Петар Гошев не одговара на повиците за промена на монетарната политика. Во апелите се придружи и владата. Министерот за финансии Зоран Ставревски вели: „Ако не се олабави монетарната политика последиците врз македонската економија од глобалната рецесија ќе бидат подлабоки“. Скапото и селективно кредитирање се објаснува и како резултат на се’ уште присутните ризици, но и на намалената финансиска моќ на граѓаните и на фирмите да ги отплаќаат кредитите. Според банкарските анализи, обемот на нефункционални кредити во споредба со лани е зголемен за 8 проценти.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска