1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Беџет Пацоли ќе ги помири Србија и Косово?

Ивица Петровиќ
8 септември 2017

Косово е на чекор конечно да добие нова влада, а формирањето на институциите во Приштина се следи внимателно во Белград. Аналитичарите од Србија укажуваат на клучната улога на Беџет Пацоли

https://p.dw.com/p/2jYpJ
Bedzet Pacoli
Фотографија: Imago/Zumapress

Иако српските медиуми редовно ја следат политичката состојба на Косово, засега нема официјална реакција на политичките партии од власта или опозицијата за расплетот на политичката криза во соседството. Во печатот се забележува само соопштението на Движењето на слободни граѓани кои оценуват дека „власта во Србија донела уште една неразумна и тешко објаснива одлука за влез на Српската листа, која е практично косовски СНС, во владата на воената коалиција чиј премиер ќе биде Рамуш Харадинај“. Движењето Двери, исто така, оцени дека „Вучиќ го признава независно Косово со влегувањето во влада со воениот злосторник Рамуш Харадинај“.
Актуелното решение на политичката криза на Косово, политичкиот аналитичар Душан Јањиќ го гледа како рационален чекор во обид да се изнајде решение кое не би го вклучувало Самоопределување. Тоа движење, Јањиќ го оценува како популистичко и етно-националистичко и тоа, според него, „е рак-рана на актуелната политичка сцена во Косово. А нивниот политички продор е резултат на тоа што Тачи, Харадинај и останатите не успеаја да обезбедат меѓународно или признавање на Косово од страна на Србија“.
Влијанието на Белград на политичката сцена на Косово не е занемарливо, вели Јањиќ, затоа што и Белград водеше националистичка и популистичка политика, што само ги затегнуваше односите и на Косово. Од друга страна, Јањиќ оценува дека формирањето на Српската листа било погрешен тактичко-политички потег, бидејќи таа, „ од посакуван мотивациски фактор за излегување на Србите на избори, станала надпартиско и економско- криминално лоби, и како таква уште добила и монопол врз политичкиот живот на Србите. Тоа сето заедно се претвори во уште една општа трговија со инфраструктурни проекти, пари и енергенси“.

Клучен човек

Големо внимание во српската јавност доби и лидерот на Алијансата за ново Косово, Беџет Пацоли. Освен укажувањето на неговото големо лично богатство и живописната биографија, се наведуваат и неговите бизнис врски со Србија, но и во Русија, и во таа насока се бара некоја врска со политичарите во Србија. Директорот на Радио Белград и долгогодишен известувач од Косово, Миливоје Михајловиќ смета дека се работи за лични и бизнис врски од минатото и дека не верува оти Пацоли има некои блиски врски со актуелната политичка гарнитура во Белград. „Ќе видиме како ќе се однесува Пацоли во иднина, но факт е дека тој досега не повлече ниту еден сериозен потег кој би бил на штета на српската заедница на Косово“, вели Михајловиќ.
Се работи за бизнисмен кој и припаѓаше на екс Југославија и ја имаше поддршката на тогашните политички структури, и како таков, претставува можеби и идеална личност за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, смета Јањиќ. „Мислам дека тој има и доста лични идеи како да се унапреди економската соработка на Србија и Косово, што би фрлило позитивно светло и на процесот на нормализација“.