1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Вартоломеј испрати охрабрувачка порака?

21 ноември 2009

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја врати вербата, меѓу македонските владици, во скорешно затворање на македонското црковно прашање. Црковните аналитичари не го делат овој оптимизам.

https://p.dw.com/p/KcPD
Вселенскиот патријарх ВартоломејФотографија: AP

Присуството на македонската црковна делегација во Белград, на погребот на Српскиот патријарх Павле беше мошне значајно за Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Владиците кои беа таму се пријатно изненадени од силната порака што ја испрати Вселенскиот патријарх Вертоломеј Втори. Тој во текот на погребната церемонија рече дека се надева, оти новиот патријарх на Српската православна црква „ќе се радува на решението“ на македонското црковно прашање. Врвот на македонската црква ги толкува овие зборови како исклучително охрабрувачка порака.

MPC
Соборниот храм во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

За впечатоците од престојот во Белград Владиката Климент за Дојче веле истакна: „Секој збор од беседата на Вселенскиот патријарх Вартоломеј не е безначаен. Делот каде што тој истакнува дека македонското црковно прашање се’ уште не е решено иако според неговите зборови блажено упокоениот патријарх Павле се трудел, но, не успеал да го реши, останува како обврска за идниот српски поглавар. Индиректно тоа значи дека Цариградскиот патријарх му препорача на новиот српски поглавар дека треба предвид сериoзно да го земе македонското црковно прашање, кое не само што не успеа да се реши со проектот ПОА, туку дополнително ги искомликува односите меѓу МПЦ и СПЦ“, изјави владиката Климент.

Синодот на Македонската црква очекува дека новиот српски поглавар ќе ја уважи препораката на Вселенскиот патријарх, и ќе го вброи во своите приоритети обновувањето на дијалогот со црковно Скопје, и интензивирањето на процесот на потрага по решение.

Од пречекот на домаќините во Белград и контактот со претставниците на останатите православни цркви, Македонската црква увидела дека на православниот свет му е сосема јасно дека проектот ПОА е неуспешен, и оти МПЦ е единствениот легитимен претставник на православниот живот во Македонија.

40 Jahre Mazedonische Orthodoxe Kirche
Македонските црковни лицаФотографија: DW

„Доколку порано се сомневав дека црковен Белград ги има вистинските инфорамации за неуспешноста на проектот ПОА во Македонија, со последнава посета почнувам да се убедувам во спротивното. Во Белград чинам дека после беседата на цариградскиот патријарх, дека сите знаат, дека експериментот ПОА не успеа. Не заради статусот на нерегистрирана верска заедница или судските процеси против нејзиниот водач, туку пред се’ поради слободното неприфаќање и острото одбивање на македонскиот народ во нив да препознае и да гледа решение за повеќе деценискиот црковен спор“.

Нараснатиот оптимизам меѓу владиците не е карактеристичен за црковните аналитичари. Тие во анализата на Дојче веле не предвидуваат скорешно затворање на македонското црковно прашање. Македонските владици во Белград беа пречекани со добредојде, но, не им беше даден статус на делегација, бидејќи српската црква не ја признава афтокефалноста на МПЦ-ОА. Двете цркви водат спор многу години. Изјавата на партијархот Вартоломеј е прва екслплицитна порака со која црковен Белград се повикува да најде решение.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска