1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали во Германија важи шеријатското право?

БГ/КГ18 август 2016

Во Германија се регистрирани повеќе од 1.000 случаи на детски бракови. Повеќето од нив се склучени во странство, но некои германски судови одлучија да ги признаат- предизвикувајќи голем револт во јавноста.

https://p.dw.com/p/1Jis6
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Press/M. Ponir Hossain

Во Германија се водат жестоки дискусии околу бегалските брачни парови во кои сопругата е малолетна. УНИЦЕФ и други невладини организации одамна ги критикуваат таквите бракови кои се дозволени во некои муслимански земји. Според информациите, годишно околу 15 милиони девојчиња се принудуваат да стапат во брак. Во голем број случаи, нивни сопрузи се постари мажи.
Според германскиот Граѓански законик, во брак смеат да стапуваат само полнолетни лица, а во вонредни околности дозволен е и брак на лица од 16 години- но со дозвола од родител. Според традиционалното исламско право, девојчињата се подготвени за брак по навршената 9. година, а момчињата кога ќе наполнат 12. Основното прашање е: дали ваквата шеријатска традиција треба да ја почитува и Германија?

Необична судска одлука

Дискусијата се распламти откако Вишиот суд во Бамберг ја призна важноста на бракот на една 15-годишна Сирија (омажена кога имала 14 години) со 21-годишен маж, кој притоа е и нејзин роднина. Случајот имал интересен развој: најпрво од прифатилиштето за баратели на азил било пријавено дека меѓу бегалците постои брачен пар во кој сопругата е малолетна и потсетиле дека тоа се коси со германските закони. Канцеларијата за млади не го признала бракот и ги раздвоила младите преземајќи го старателството над девојчето. Брачниот пар потоа се жалел до Судот за брачни прашања, и тој суд потврдил дека девојчето „не е во состојба да ја согледа целата комплекснист и последици од бракот“.
Но, младиот пар бил упорен, па случајот стигнал и до Вишиот суд, и таму се случува пресврт: Судот го прогласува бракот за правно важечки и повикувајќи се на член на Законот утврдува дека „омажената малолетничка смее да одредува каде ќе се движи и со кого ќе контактира“. Девојчето и нејзиниот сопруг во моментот на склопување на бракот се сириски државјани кои се венчале во Сирија, па така судот во овој случај всушност пресудува во согласност со шеријатското право.

Kinderheirat in Iran
Годишно околу 15 милиони девојчиња во светот се принудуваат да стапат во брак.Фотографија: Mehr

Огорченоста во јавноста

Портпаролот на Вишиот суд Леандер Бреслер даде и дополнително објаснување за случајот. „Судот укажува дека не мораше да одлучува за тоа дали со признавањето на сириските правни одредби за староста доволна за стапување во брак постои повреда на германските правни одредби за тоа, бидејќи тука, во овој случај- и според германското и според сириското право- поаѓаме од важечкиот брак“. Со други зборови, судот можеби би го спречил склопувањето на тој брак, но не сака да чепка во веќе склопени бракови.
Многу експерти и дел од германската јавност не се задоволни со тоа објаснување. Во некои медиуми, и посебно на социјалните мрежи, се појавија наслови: „Детските бракови дозволени во Германија“, „Во Германија важи шеријатското право“ и слични. Десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД), и голем број граѓани кои и се наклонети, но и оние кои немаат ништо со политичката десница, се огорчени поради одлуката на Судот во Бамберг. Но судот дозволи можност за жалба, па сега германските правници треба да докажат дека е нарушен германскиот правен поредок.

Сојузните покраини Северна Рајна Вестфалија и Баварија најавија дека ќе ги разгледаат правните одредби со цел да спречат бракови со малолетни девојчиња. „Бракови во кои постари мажи ја искористуваат бедата на некои семејства и стапуваат во брак со девојчиња, претставува кршење на фундаменталните права на жените и децата“, изјави Томас Кушати, министер за правда на Северна Рајна Вестфалија.
Не е познато колку точно малолетни женски бегалци се наоѓаат во вакви бракови во Германија. Во Баварија до крајот на април годинава биле откриени 161 случаи во кои омажените бегалки се помлади од 16 години, во Баден Виртемберг- 117, а во Северна Рајна Вестфалија- 188 случаи.