1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Германија ја губи битката за Северен тек 2?

Тимоти Рукс
8 февруари 2019

Дали проектот Северен Тек 2 ја губи битката со времето, откако и Франција одлучи да ја повлече својата поддршка? Гасоводот кој треба директно да пренесува гас од Русија до Германија има многу противници, особено САД

https://p.dw.com/p/3Cz3o
Ostseepipeline Nord Stream 2
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Франција ќе ја повлече својата поддршка за Северен тек 2, јави деновиве весникот „Зиддојче цајтунг“. Гасоводот, од кој речиси една третина е веќе поставена на дното на Балтичкото море, е голем европски проект кој директно ќе ги поврзе Русија и Германија, заобиколувајќи ги Украина и Полска. Некои во него гледаат дополнителен придонес за енергетската сигурност, други пак, во него гледаат геополитичка алатка. Во зависност од интересите.

Технички, Северен тек 2 не е проект на ЕУ, а досега Германија ја имаше поддршката на Австрија, Белгија, Кипар, Франција, Грција и Холандија. Доколку Париз ја повлече поддршката, тоа може да има сериозни последици за гасоводот долг 1.230 километри.

Но, најгласни против проектот досега беа САД. А отпорот дополнително порасна по изборот на Доналд Трамп за претседател.
Откако пристигна во Германија во мај 2018, американскиот амбасадор Ричард Гренел постојано се меша во внатрешните работи на земјата домаќин. Тоа беше прекршување на долгогодишниот протокол и истовремено разлути многу германски бизнисмени. На почетокот на месецов медиумите јавија дека тој ја ескалирал дебатата за гасоводот откако испратил заканувачки писма до германските компании кои работат на Северен тек 2.

Во четвртокот, Гренел заедно со американските амбасадори во Данска и ЕУ испрати и жестока критика до Германија преку коментар објавен на ДВ. „Бидете сигурни: Северен тек 2 ќе донесе повеќе од руски гас. Руското влијание и притисок исто така ќе пловат под Балтичкото море и во Европа, а гасоводот ќе ѝ овозможи на Москва дополнително да ги поткопа суверенитетот и стабилноста на Украина“.

Infografik Karte Gaspipelines Europa Nord Stream EN

Критичарите на овие забелешки наведуваат дека САД веројатно имаат сопствени бизнис интереси, затоа што американските компании би сакале да им го продаваат сопствениот течен гас на европските држави. Германскиот министер за економија Петер Алтмајер не ја отфрла можноста неговата земја да увезува гас од САД, но само како дополнение на рускиот гас и, уште поважно, доколку цената одговара. Тоа секако не е доволно за Вашингтон.

Незапирлив?

Но може ли еден таков огромен мултинационален проект да биде стопиран, особено од држава која не е директно инволвирана? Во суштина, гасоводот Северен тек 2 се две паралелни цевки од кои секоја има внатрешен дијаметар од 1,2 метри. За иронијата да биде поголема, тој води паралелно со Северен тек 1, сличен проект кој е во функција уште од 2011 година и кој, се чини, никому не му пречи.

Според планот, гасоводот ќе биде долг 1.230 километри и ќе меандрира низ водите на Финска, Шведска и Данска пред да стигне до североисточна Германија. До крајот на минатата година беа поставени 370 километри од гасоводот. Еден од инженерите кој раководи со проектот за поставување на цевките, Клаус Хаусман, во интервју за германското радио Дојчландфунк најави дека се планира цевките целосно да бидат поставени до средината на годинава. Потоа ќе биде поставена и електрична опрема, а гасот треба да протече до крајот на ноември годинава.

Deutschland Nord Stream 2 vor der Insel Rügen
Бродот „Аудациа“ работи на изградбата на гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото мореФотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Досега се инвестирани огромни суми пари и веќе е предизвикана голема еколошка штета. Можат ли стравувањата на Украина, Литванија и Полска - и секако на САД - да му стават крај на проектот пред самото негово завршување? Одговорот е: веројатно да.
Во изминативе две години, САД често им се нафрлаа на своите најблиски сојузници и на компаниите кои не им се допаѓаат. Како што видовме и од трговскиот конфликт меѓу Кина и САД, Вашингтон е подготвен и самиот да си предизвика штета за да испрати порака и да го добие она што го бара. Неретко, САД ги ставаат бизнис интересите пред моралните аргументи за кои наводно се залагаат, а тоа е особено случај кога им се одредуваат огромни финансиски казни на банки или компании кои се обвинети за кршење на американските санкции.

И повторно, основата на овој конфликт е бизнисот, влијанието и покажувањето сила. Можеби се работи и за самата „Норд Стрим АГ“, компанијата која го гради гасоводот и чиј најголем акционер е рускиот Газпром. Во секој случај, за што и да се работи, САД веќе покажаа на што сѐ се подготвени за да го истераат својот интерес без оглед на глобалните последици.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема