1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Дали Ивермектин навистина помага против Ковид-19?

Александер Фројнд
15 јануари 2021

Група медицинари од САД советува употреба на Ивермектин, лекот што во Латинска Америка наголемо го фалат, во лекувањето против коронавирус, без оглед на сомнежот во неговата ефикасност.

https://p.dw.com/p/3nwyx
Coronavirus - Ivermectin
Фотографија: Rodrigo Urzagasti/dpa/picture alliance

И покрај сите препораки и предупредувања, Ивермектин и натаму се третира како некој вид „чудотворен лек“ – посебно во Латинска Америка. Откако австралиски научници во јуни 2020 во стручниот магазин „Антивирал рисрч“ објавија извештај дека со примена на Ивермектин во предклиничка, ин витро студија, што значи во лабораториски услови, е постигнато значително редуцирање на коронавирусот САРС-КоВ-2, започна вистинска хистерија по лекот.

Ивермектинот во суштина се користи за третман на паразитни заболувања кај животни и кај луѓето, тој е евтин и се продава слободно, без рецепт. Се применува на пример против шуга или болести предизвикани од паразити. Тој дејствува врз хлоридните канали на тој начин што предизвикува парализирање или смрт на паразитите.

Одделни здравствени власти се против употребата

Вистински, потврден доказ за делотворноста засега отсуствува, иако во меѓувреме според Clinicaltrials.gov на Националната медицинска библиотека на САД постојат 41 студија за антипаразитското средство, од кои 14 се веќе завршени.

Светската здравствена организација и Американската служба за лекови ФДА не советуваат примена на Ивермектин за лекување на Ковид-19, предупредувајќи од нуспојави. Потребни се натамошни испитувања заради докажување дали Ивермектинот може да биде соодветен како превентивно или средство за лекување од коронавирус, гласи нивниот став.

Природен лек против Ковид-19?

И САХРА, Јужноафриканската служба за лекови на крајот на декември ланската година издаде предупредување за користење: не постојат никакви потврдени податоци за употребата на Ивермектин во третман на инфекции со Ковид-19. Во поглед на безбедноста и делотворноста, нема докази кои поткрепуваат примена на Ивермектин, ниту клинички студии кои би ја оправдале примената.

Поддршка од американски медицинари

Сосема поинакво вреднување има во март основаната „Front Line COVID-19 Critical Care Alliance" (FLCCC) со седиште во американската сојузна држава Висконсин. Оваа алијанса од медицинари за интензивна нега за цел има развој и вреднување на протоколи за третман на Ковид-19, базирани на евиденција, тековни и оптимирани. Резултатот фактички звучи како чудотворено средство, кое е одамна познато, речиси секаде достапно и згора на тоа уште и евтино.

Повеќе на темата:

Коронавирус: Лекот Ивермектин пристигнува во Македонија за две недели

Има ли докази за успешност на ивермектин против КОВИД-19?

СЗО против Гилиад: Спор околу ефективноста на ремдесивир

По проучувањето на постојните клинички податоци, ФЛЦЦЦ на средината на декември 2020 дојде до заклучок дека Ивермектин навистина може во голема мерка да го намали присуството на вирусот. Освен тоа, антипаразитскиот лек може да го сузбива пренесувањето и развојот на Ковид-19 кај инфицираните. Така, Ивермектин кај пациентите со полесна или средно тешка клиничка слика придонесуваат за забрзување на оздравувањето и спречуваат влошување, доколку лекот се применува непосредно по манифестирањето на првите симптоми. Кај пациентите со тешка клиничка слика Ивермектинот ја редуцира нужноста од болнички престој и ја намалува стапката на смртност.

Податоци и добри искуства

ФЛЦЦЦ, покрај на податоците, укажува и на позитивните искуства со Ивермектин во повеќе латиноамерикански држави. Така на пример здравствените власти во Перу, Бразил и Парагвај делумно уште лани во мај, значи непосредно пред објавувањето на сознанијата на австралиските научници, го користеле Ивермектин во голем обем и го делеле меѓу населението.

Широката примена, тврди ФЛЦЦЦ имала успех, зашто во овие региони бројот на случаи е значително намален во споредба со областите каде не бил даван Ивермектин.

Нешто слично е забележано, според ФЛЦЦЦ и надвор од Јужна Америка, на пример во одделни африкански земји. Врз основа на овие успеси, медицинарите од ФЛЦЦЦ препорачуваат користење на Ивермектин како профилакса, но и како лек за третман на заболени од Ковид-19.

Додека сигурни и ефикасни средства не се достапни во доволни количини токму во структурно слабите и сиромашни подрачја, Ивермектин претставува алтернатива. Широката примена на оваа сигурна, евтина и ефективна интервенција при глобален пораст на инфекциите со Ковид-19 би довела до драстично намалување на стапката на зараза и смртност кај пациентите со полесен, средно тежок или дури и кај оние со исклучително тежок тек на болеста.