1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали истакнувањето знамиња е национализам?

Сања Благојевиќ
6 јули 2018

Дали склоноста на Германците кон знамињата е само поддршка на фудбалскиот тим, или се работи за латентен национализам- како што критикуваат некои?

https://p.dw.com/p/30wFq
Berlin Public Viewing Euro 2012
Фотографија: AP

Без оглед на дебаклот на Светското првенство во фудбал, Германија и натаму е накитена со знамиња. Од 2006. година истакнувањето на националните обележја е вистински хит. Дали склоноста на Германците кон знамињата е само поддршка на фудбалскиот тим, или се работи за латентен национализам- како што критикуваат некои?

Германците имаат специфичен однос кон националниот идентитет. За време на големите спортски турнири во Германија околу тоа секогаш се води контроверзна политичка дискусија. Младите од Партијата на Зелените сметаат дека истакнувањето на знамињата е одраз на национализмот и на секој кој ќе се откаже од тоа- му нудат пиво. Младинската организација на Левицата дури оди и чекор понатаму и повикува на кражба. На местото каде некогаш се наоѓало знаме, активистите оставаат провокативни пораки. Од друга страна, десните популисти од АФД честопати ги инструментализираат знамињата во националистички цели. Истакнувањето на национални обележја за време на Светското првенство во фудбал не е само германски феномен. Зошто е тоа во Германија скокотлива тема?

„Националните симболи во Германија се проблематични поради искуството на Третиот Рајх. По тој период, откако националистите последен пат беа на власт во Германија, земјата беше целосно разрушена и тоа меѓу населението создаде одреден отпор против користењето на националните бои и симболи. Малку е смешно што фашистите воопшто не ги користеа денешните германски бои, кои се црно-црвено-златно, туку тие имаа свои знамиња црно-бело-црвено. Дури од пред неколку години, националистите во Германија почнаа да го користат и републиканското знаме. Јас сметам дека покажувањето на националните бои и националното знаме за време на првенство нема многу врска со национализмот, бидејќи тоа го прават и многу тукашни мигранти кои со тоа сигурно не покажуваат германски патриотизам или национализам, туку дека навиваат за германскиот национален тим“, вели Ридигер.

Освен што ја буди националната гордост, Мундијалот носи и доста пари. Во 2006. Светското првенство на Германија, како на земја-домаќин, ѝ донесе повеќе туристи, повеќе работни места и секако повеќе профит. Пред и за време на Мундијалот продадено е за 5% повеќе пиво од вообичаено. Продажбата на државните знамиња и дресови експлодираше. Скокна и продажбата на месо за скара, колбаси и студени напитоци, а осетно порасна дури и продажбата на телевизори. Брутодомашниот производ тогаш порасна за 0,9 проценти. Економските ефекти додуша беа со кус ве, но ново-разбудената национална гордост и склоноста кон националните бои се одржаа- до денес.

Истакнувањето знамиња - одраз на национализам?