1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Макрон лови гласови на екстремната десница?

Барбара Везел
6 ноември 2019

Францускиот претседател Емануел Макрон со навредливи изјави за Бугарите и за Украинците предизвика дипломатски скандал. Но, што сака тој да постигне со таквите изјави?

https://p.dw.com/p/3SXwm
Japan Präsident Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Кога Емануел Макрон ќе даде интервју за десно-конзервативниот политички магазин „Валор актуел“, во кој опширно зборува за миграцијата, тогаш тој следи некоја цел. А, кога во една зајадлива примедба со омаложување зборува за Бугарите и за Украинците во Франција, или неговата примедба во најмала рака може така да се интерпретира, тогаш изгледа оти тој без некаков повод го крши политичкиот порцелан во Европа.

Мрежи, банди или што?

Во ова интервју Макрон вели: „Мене би ми било подраго да дојдат легално луѓе од Гвинеја или од Брегот на Слоновата Коска, тука да живеат и да работат, отколку илегални украински или бугарски мрежи“. Притоа францускиот збор "filières" во оригинал буквално се преведува со банди или криумчарски банди. Не требаше долго да се чека на реакции од Софија и од Киев. Во двата главни града на отчет се повикани француските амбасадори. Но, владите релативно брзо се задоволија со објаснувањето дека изјавите на Макрон се извлечени од поширок контекст.Претседателот зборуваше за тоа како во Франција е тешко да се пронајдат Французи кои се подготвени да мијат чинии. Но, Украинците и Бугарите добија впечаток дека му се подраги мигрантите од Африка отколку луѓето од овие источноевроспски земји. И затоа следеа остри реакции од некои политичари од десно-националните партии, како што е на пример бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов. „Никој нему (Макрон) не му дава за право да ги навредува Бугарите.“

Bulgarien Verteidigungsminister Krasimir Karakachanov
Красимир КаракачановФотографија: BGNES

Дали францускиот претседател со тоа сакаше да алудира дека бугарските власти веќе со години се вмешани во трговијата со фалсификувани пасоши за мигрантите од трети земји и оти има сомнеж дека водечките политичари ги штитат таквите активности? Ако го сакаше тоа, мораше појасно да се изрази. Или сакаше само да каже дека и дава предност на легалната миграција пред илегалната? Меѓутоа, Бугарија е членка на ЕУ и нејзините државјани можат легално да се движат во ЕУ и каде било во неа да работат. А, Украинците можат во ЕУ да патуваат без виза и да престојуваат до три месеца. Бугарскиот претседател на владата, Бојко Борисов, на проблематичната изјава на Емануел Макрон врати со зајадлива примедба: Очигледно нему (Макрон) не му била намерата некого да навреди, но тој (Борисов) поаѓа од тоа дека претседателот (Макрон) наскоро ќе ја поддржи Бугарија кога ќе се работи за влез во Шенген зоната и за воведување на еврото.

Што сакаше Макрон?

Францускиот претседател во суштина би морал да биде доволно искусен и речит кога дава интервјуа за еден десничарски магазин, кој го преработува текстот на 12 страници и го опремува, меѓу останатото, со слики од Марин ле Пен. Елисејската палата тогаш со денови се бори со ограничување на штетата, а анонимни гласови од партијата на Макрон „La République en Marche!" стравуваат дека тој во лов на гласови од десниот раб се турна во ситуација во која во секој случај е губитник, бидејќи тврдата десница во „Rassemblement National“ (поранешен Национален фронт) нема да ја увери, а левите либерали во сопствениот табор ќе ги изневери. Бруно Котре од Политичкиот институт Цевипоф во Париз смета дека Макрон е токму во таква опасност. „Тој се обидува да направи синтеза меѓу десницата и левицата, но пораката која притоа следува е крајно нејасна и матна.“

Повеќе:

-Пендаровски следната недела на средба со Макрон, дознава ДВ

-Скопје го чека францускиот клуч

-Емануел Макрон: Од реформатор до кочничар на ЕУ

Со изјави како оние во „Валор актуел“ му се заканува опасност да се отуѓи од левицата а не ја увери десницата. Во секој случај опасно е кај некои теми да се сака да се претрка Марин Ле Пен, вели Кoтре.

Потрага по вистинска позиција

Според некои испитувања на јавното мислење двајцата политичари имаат еднаква поддршка кај граѓаните. Освен тоа Ле Пен најави дека на наредните претседателски избори повторно ќе се кандидира против Макрон. Професорот Кутре смета дека е прерано за Макрон две и пол години пред наредните избори да ѝ се приближува на десницата. Дури и ако би можел да постигне успех во противничкиот табор, тој би се распливнал до излегувањето на избирачките места, смета Кoтре.

Frankreich Marine Le Pen  Rassemblement National Europawahl Wahlkampf
Фотографија: Reuters/P. Rossignol

Макрон во моментов остава впечаток дека сака да им се допадне на сите. Освен тоа по протестите на Жолтите елеци во минатата зима тој е во потрага по исправна позиција за втората половина од мандатот. На економски план француската влада во моментов е зафатена со крајно неомилената пензиска реформа, поради која веќе има штрајкови и демонстрации. Така што акцентирањето на темата на миграцијата и илегалното доселување може да се толкува и како обид за завртување на вниманието од пензиската реформа.

Но, ниту искусните политички набљудувачи не можат навистина да објаснат што го поттикнало Макрон на тој конфузен потег. „Јас тоа интервју го прочитав шест или седум пати и пораката останува нејасна“, вели Бруно Котре.

Зборови и практична политика

Сепак, темата на миграциите се вклопува во актуелната политика на француската влада. Во понеделникот парламентот расправаше за промени на законите. Станува збор за мерки со кои би требало да се води борба против злоупотребата и измамата кај социјалните давачки за мигрантите. Пристапот до здравствени услуги би требало да биде достапен по три месеци, проверката на барањата за азил да биде забрзана, а доведувањето членови на семејството отежнато. 

Владата говори за „рамнотежа меѓу поголемо заострување и што посилно отворање“, што звучи како невозможна мисија. Истовремено се дискутора за легално доселување според квоти, кои би требало да се одредуваат според потребите на пазарот на труд и кои државата би требало целосно да ги контролира. Таа тема не смее да им се препушти на екстремните десничари, вели претседателот Макрон. А неговата ривалка Ле Пен зајадливо вели гласањето за нејзината партија помага дури и кај Емануел Макрон.