1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали му се заканува отповикување на Трамп?

12 мај 2017

Откако Доналд Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Џејмс Коми, во САД сѐ погласни се гласовите за отповикување на американскиот претседател. Што зборува во прилог на постапката, а што против?

https://p.dw.com/p/2cq1c
USA Donald Trump auf dem John F. Kennedy Flughafen
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Smialowski

„Мириса на отповикување од функцијата“: деновиве оваа формулација на социјалните мрежи можеше да  се прочита илјадници пати. Уште од неговото стапување на должноста, истражувањата на јавното мислење, спроведени од институтот Галуп покажаа - половината од Американците не се задоволни со својот 45-ти претседател Доналд Трамп.

По отпуштањето на директорот на ФБИ, Џејмс Коми, барањата за отповикување на Трамп на социјалните мрежи доживеаја експлозија. Експертите веќе објаснија како функционира постапката. Што зборува во нејзин прилог?

Отпуштањето на Коми укажува на злоупотреба на службената положба

Одлуката за отпуштање на Коми, Трамп ја образложи со тоа што директорот на ФБИ „не ја вршел добро работата“ при истрагата поврзана со и-меил аферата на Хилари Клинтон. Повеќе американски реномирани медиуми, вклучувајќи ги и „Њујорк тајмс“, СиЕнЕн и „Вашингтон пост“ известуваат дека Коми кратко пред отказот, побарал дополнителни средства за истрагата околу аферата со Русија.

Бризантната хипотеза гласи: доколку Трамп го отпушти Коми поаѓајќи од мотивот да ја спречи истрагата против себе и членови на својата влада, тогаш тоа би било кривично дело попречување на правдата и форма на злоупотреба на службената положба. 

Обвинувањата против Трамп нема да исчезнат ако прекине истрагата

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на триесетина извори од Белата куќа, Министерството за правда и владата, тврди дека Трамп бил „бесен“ на Коми што не се откажува од разјаснувањето на аферата со Русија. Деталното известување и реакциите во јавноста покажуваат дека претседателот го постигна токму спротивниот ефект и дека можно е да расте интересот за расчистување на аферата со Русија, односно нејзиното влијание врз претседателските избори во САД.

Достигната е политичка критичка маса за иницирање постапка за отповикување

Иако не се преземени конкретни чекори, актуелната дискусија околу евентуално отповикување се потпира врз реална политичка тенденција или опозициски размислувања.

Без оглед што Републиканската партија на Трамп нанадвор сака да демонстрира единственост во корист на својот претседател, реномирани членови, како Џон Меккејн во многу аспекти ја критикуваат политиката на Трамп. Во врска со обвинувањата дека Русија извршила влијание врз претседателската кампања во САД во корист на Трамп, во игра се внесува бризантен поим: велепредавство. Тоа е во остра противност кон длабоко вкоренетиот патриотизам, со кој се идентификуваат Републиканците. Да се игнорира ова, дури и за најлојалните приврзеници на Трамп, би значело политичко руинирање. 

Washington Senat Aussage FBI Director James Comey
Отказот за Коми предизвика лавина реакции во САДФотографија: Reuters/K. Lamarque

Што зборува против постапка за отповикување? 

Не постојат доволно силни докази за обвинувањата против Трамп

Постојат две можности: Трамп да биде отповикан од претседателската функција или предвремено да ја напушти. Дополнителниот член 25 од американскиот устав дава можност за констатирање неспособност за извршување на функцијата, спротивно на желбите на претседателот.

Втората можност е фактичката постапка за отповикување, во која Трамп според член II, параграф 4 од Уставот евентуално може да биде обвинет поради „предавство, поткуп или друго кривично дело“. И за вторава варијанта, иако станува збор за правна постапка, потребна е претходна политичка одлука.

Републиканците треба да се изјаснат против Трамп

За двете можности е потребно двотретинско мнозинство во американскиот Конгрес. Во моментов Републиканците имаат доминација како во Сенатот, така и во Претставничкиот дом. Водечките конгресмени Пол Рајан, портпарол на Претставничкиот дом, и Мич Мекконел, претседател на мнозинската партиска група, веќе изразија согласност со одлуката на Трамп.

На денот на отпуштањето на Коми, Мекконел отфрли можност за именување специјален независен истражител за аферата со Русија, со аргумент дека тоа би довело само до „попречување на актуелната работа на ФБИ и Истражната комисија во Сенатот“.

Согласност од владата

Во случај на отповикување, владиниот кабинет на Трамп, вклучувајчи го и заменикот претседател Мајк Пенс, треба да гласа за поведување таква постапка. Пенс јавно застана во одбрана на Трамп во врска со одлуката за Коми, оценувајќи ја како „вистинска одлука во вистинско време.“

Резиме: можно, но не е веројатно

Иако повиците за отповикување на Трамп не се без основа и можно е формулирање на постапката, во моментов не постојат доволно докази. Исто така не е на повидок ниту потребната политичка поддршка за отповикување од партијата на Трамп и неговата влада.