1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали по изборите ќе се промени американската надворешна политика?

Спенсер Кимбал / Александар Методијев24 септември 2012

Во жарот на предизборната кампања во САД, претседателот Обама и противкандидатот Ромни се обидуваат јасно да ги раздвојат надворешно-политичките цели. Но, без оглед на тоа кој ќе победи, ќе мора да се соочи со реалноста.

https://p.dw.com/p/16DCT
Фотографија: DW/dapd

Во текот на подготовкита за предизборната кампања Мит Ромни, поранешниот гувернер на сојузната држава Масачусец, се обиде да претстави алтернатива на надворешната политика на Обама. Тој најави дека сака САД да „ги одведе во следното американско столетие“, така што на светската сцена ќе делува „јасно и одлучно“.

Реториката на Ромни е насочена кон гласачкото тело кое САД се’ уште ги смета за најважната земја на светот, но и земја чие влијание опаѓа по десет години војни и финансиска криза. Според резултатите на едно истражување од овој месец, 24 проценти од Американците веруваат дека нивната земја како светска сила „се’ уште игра поважна улога“ отколку што тоа беше случај пред една деценија.

„Кога Обама беше избран владееше се‘општ став дека Америка премногу се ангажира во светот. Тој став подоцна најмногу се одрази во одлуката Американците да го напуштат Ирак“, забележува Стивен Волт, американски политиколог од универзитетот Харвард. „Дури и кога Обама одлучи да ги засили операциите во Авганистан за нив одреди временски рок“, додава тој.

US-Präsident Barack Obama hat sich erstmals öffentlich dafür eingesetzt, dass Schwule und Lesben heiraten können
Барак ОбамаФотографија: dapd

Разлики меѓу претседателските кандидати

САД, многу ангажирани во Ирак, почнаа да тактизираат. За време на граѓанската војна во Либија во мај 2011-та, еден службеник од администрацијата на Обама за магазинот „Њујоркер“ изјави дека претседателот делува „од заднина“, значи – индиректно. Тоа конкретно значи дека Обама создаде политички и логистички претпоставки за напад од страна на НАТО со цел да се запрат силите на Гадафи во борбата против бунтовниците. Меѓутоа, Вашингтон официјално не беше на чело на таа интервенција.

Таа изјава на конзервативците им долеа масло на огнот, бидејќи тие генерално ја одбиваат можноста САД во надворешнополитичките прашања предност да даваат на други нации или организации. За време на партискиот конгрес во Тампа на Флорида, поранешната шефица на дипломатијата Кондолиза Рајс порача:

„Немаме избор. Не можеме да одолговлекуваме со преземањето на лидерската позиција. Не може да се раководи од заднина“.

„Ромни повеќе тежнее кон триумфален тон“, оценува политикологот Волт. „Кандидатот на Републиканците во секој случај ја изрази својата определеност за посебна улога на САД во светот. Тој смета дека Америка е сосема посебна земја со сосема посебна одговорност и дека претставува поинакви вредности од остатокот на светот“, додава тој.

Опасност од внатре

„Меѓутоа, ограничена е способноста на парализираната од економски проблеми Америка да управува со светот потресен од непредвидливи револуции и војни“, смета Џозеф Брамл, американски експерт за надворешна политика при Германското друштво за надворешна политика.

„Доколку Ромни биде избран за нов американски претседател, тогаш и тој би морал да се соочи со реалноста“, смета Брамл. „Да се зборува вообичаено е едноставно. Но, доколку биде избран, тогаш своите зборови ќе мора да ги претвори во дела. Најдоцна тогаш би забележал дека мора да се соочи со истите проблеми“, додава Брамл. „Најголемата закана за Америка не доаѓа од надвор, туку потекнува од нејзините сопствени слабости. Тој впечаток ќе го добиеме и ако ги погледнеме оценките на националната безбедност. Не сакам да предвидувам колапс на супер-силата, но мораме да бидеме внимателни. Заканата од внатре мора да се сфати сериозно и таа ни го стеснува просторот кој ни стои на располагање за ангажман во други области“, наведува Брамл.

Mitt Romney 2008
Мит РомниФотографија: Getty Images

„И Републиканците и Демократите ја изразија својата определеност за американско лидерство во светот. И едните и другите се определени за тоа САД да останат најјака воена сила на светот. Тие се убедени дека САД мораат да бидат вклучени во решавање на најголем дел од меѓународните проблеми. Тука никој не зборува за повлекување или дури и за изолација“, забележува Волт.

Иако Обама за време на изборите во 2008-ма година од двете страни беше оценет како прогресивен претставник, тој кога станува збор за надворешната политика не делуваше така, сметаат експертите. Тој како носител на Нобеловата награда за мир го зголеми бројот на американските трупи во Авганистан, ги интензивираше интервенциите со помош на беспилотни летала во Јемен и Пакистан и се обиде да наметне поостри санкции против Иран.

„Централниот проблем е во тоа што Обама водеше повеќе надворешна политика на центарот, или дури и политика поставена централно-десно“, вели Волт. „Тоа беше се‘ само не левичарска надворешна политика. Ваквата состојба на Ромни не му остава простор да се дистанцира јасно од политиката на Обама“.