1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Путин го затвора вентилот за гас во Европа?

Андреј Гурков
16 октомври 2021

„Газпром“ е обвинет за манипулирање со снабдувањето со гас за Европа со цел што побрзо ставање во функција на гасоводот „Северен тек 2“. Но, Москва се стреми и кон друга цел.

https://p.dw.com/p/41kLW
Gasprom Schriftzug in St. Petersburg
Фотографија: picture alliance/R. Goldmann

Отпрвин, сето тоа звучеше како рекламна кампања: „Оние во Европа кои навреме разбраа дека е најдобро да склучат долгорочни договори со нас, сега тријат раце и слават“, изјави пред неколку дена рускиот претседател Владимир Путин. На  реакцијата на „Газпром“ не требаше долго да се чека. „Оние кои потпишаа долгорочни договори со нас, сега уживаат пониски цени“, рече Елена Бурмистрова, потпретседателка на управата на  „Газпром“, задолжена за извоз.

Москва регрутира за долгорочни договори

Веќе со недели, Москва ги испраќа овие недвосмислени пораки: потпишете долгорочни договори и нема да мора да се грижите за испораките и цените. И сето тоа во позадина на невиден раст на цените на енергетскиот пазар. Во почетокот на октомври, цената на гасот на германскиот пазар достигна десет пати повисока од просечната цена минатата година.

Многу експерти и политичари веруваат дека „Газпром“ вештачки создаде недостиг на гас во Европа со цел да изврши притисок врз пуштањето во употреба на гасоводот „Северен тек 2“ што е можно поскоро. За ова се потребни дозволи што би овозможиле некои исклучоци кога станува збор за законодавството на ЕУ. Оваа недела, претседателот Путин уште еднаш повика на тоа.

Karikatur von Sergey Elkin | Gas- und Ölpreise steigen nicht ohne Hilfe von Putin
Многу експерти и политичари веруваат дека „Газпром“ создаде недостиг на вештачки гас во Европа со цел да изврши притисок врз пуштањето во употреба на гасоводот „Северен тек 2“.

Но, во меѓувреме, се создаде впечаток дека Москва се стреми кон друга цел за која се регрутираат високи претставници на руската економија и политика: склучување долгорочни договори со фиксни цени утврдени од „Газпром“. Но, тоа би значело напуштање на системот за слободна трговија со гас. И тука Путин беше недвосмислен во почетокот на септември кога цената од 1.000 кубици гас се искачи на 650 евра. „Тоа беа луѓе што се правеа паметни од поранешната Комисија на ЕУ, кои се залагаа за формирање на цената на гасот на слободниот пазар“, рече Путин, кој дури и не го крие влијанието врз политиката на „Газпром“.

Истата критика Кремљ ја повтори еден месец подоцна, кога цената на гасот веќе достигна граница од 2.000 долари. Позицијата на Русија во Европската Унија неодамна ја повтори рускиот амбасадор во Европската унија, Владимир Чичов, кој во разговор за Фајненшл тајмс го обвини Брисел дека со инсистирањето на слободниот пазар и т.н. тековен пазар на испорака, ја загрози стабилноста на цените загарантирана со долгорочни договори.

Зошто доживеа колапс тековниот пазар на испорака?

Се поставува прашањето зошто тековниот пазар на испорака со години функционираше беспрекорно и доживеа колапс оваа сезона. Постојат неколку причини: празни капацитети за складирање гас во Европа по суровата зима, фаворизирање на азискиот пазар за течен природен гас, поголема потрошувачка на гас за производство на електрична енергија поради послабите ветрови, што го намали производството преку ветерници и конечно, долг ремонт на норвешкиот главен гасовод.

Но, зошто „Газпром“, кој доставува 40 проценти од својот гас за Европа, не ја оправда својата улога како водечки снабдувач и не ги зголеми цените на испораката за да влијае на постабилните цени и да заработи уште повеќе?

Verlegeschiff fuer Nord Stream 2
Се поставува прашањето зошто тековниот пазар на испорака со години функционираше беспрекорно и доживеа колапс оваа сезона.Фотографија: picture-alliance/J. Koehler

Според независниот и според Кремљ, критичен аналитичар, Михаил Крутихин, „Газпром“ место да заработи добро, одлучи да ја искористи ситуацијата за да ја уништи сегашната практика на тргување со гас во Европската Унија. „Газпром објави дека нема да понуди дополнителни количини гас на слободниот пазар до крајот на годината", рече овој стручњак за Новаја Газета.

Дека случајот околу скапиот гас дефинитивно има политичка заднина уверен и е  Фридрих Шмит, дописник од Москва за Франкфуртер алгемајне цајтунг. Тој е убеден дека „Газпром" ги исполнува целите на Кремљ.

Зелениот договор на ЕУ во опасност?

Путин, исто така, неделава сигнализираше на Деновите на руската енергија во Москва дека евентуалните дополнителни испораки на гас не се наменети за слободниот пазар. Тој ја повтори фразата „нашите партнери можат да бидат мирни“, мислејќи пред се на оние што склучуваат долгорочни договори со „Газпром“ по фиксни цени. Ова повеќе не звучи како маркетинг кампања, туку како отворен притисок.

Првите успеси се веќе тука: Унгарија штотуку потпиша 15-годишен договор со „Газпром“. Ако го сторат истото и другите членки на ЕУ, тоа ќе значи долгорочен примат на „Газпром“ на европскиот енергетски пазар, што ќе ја направи ЕУ уште понеатрактивна и недостапна за можната конкуренција од секторот за течен природен гас, пред се американскиот гас.

Долгорочните договори, исто така, ќе го поткопаат Зелениот договор на ЕУ за декарбонизирање на пазарот на енергија. Членките на ЕУ ќе бидат принудени да купуваат фосилен гас до средината или дури до крајот на следната деценија, дури и ако има доволно обновлива енергија.