1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Србија е во сајбер војна?

20 мај 2022

Бранот анонимни дојави за бомби ја вознемири Србија. Досега се идентификувани локациите на 19 мејлови од кои пристигнале пријавите, а за мотивите сѐ уште се шпекулира. Може ли да се каже дека ова е сајбер-тероризам?

https://p.dw.com/p/4BX7R
Symbolbild Cybeangriff
Фотографија: Jochen Tack/IMAGO

Алекса Племиќ штотуку се подготвувал да оди на училиште во понеделникот наутро, кога пристигнало известување: на електронската адреса на училиштето била примена анонимна дојава за поставена бомба. „Беше многу стресно, бидејќи е нова ситуација во која не знаеме како да реагираме“, вели Гордана, мајката на Алекса.

На сличен начин денот започна и за илјадници други семејства, бидејќи дојавите за бомби стигнаа на адресите на најмалку 200 основни и средни училишта, главно во Белград. Повозрасните ученици кои веќе биле во училиштата веднаш се вратени дома, а помладите наставниците ги однеле на безбедно и ги почекале нивните родители да дојдат.

„Тоа повеќе ги исфрли од ритам родителите отколку децата“, вели Гордана Племиќ за ДВ. Таа е и претседател на Здружението „Родител“. „Родителите велат дека училиштата брзо реагирале, но дефинитивно никому од нас нема да му биде сеедно во наредните денови да ги испраќаме децата на училиште, бидејќи не знаеме како ќе се развива тоа, ниту што значат овие дојави, ниту колку се безбедни нашите деца и дали еден ден ќе има вистинска пријава или нешто ќе се случи без најава“, вели Племиќ.

Поплавата од лажни пријави трае со месеци

Србија од март е мета на анонимни извештаи за поставени бомби. На почетокот под закана за бомби беа летовите од Белград кон Русија, но во последните денови ситуацијата ескалира толку многу што нивниот број е тешко дури и да се утврди. Во соопштението на МВР се наведува дека во 48 наврати биле примени стотина заканувачки пораки. Покрај бомбите во училиштата, извештаите предупредуваа и за бомби под мостови, во трговски центри, ресторани, железничка станица, електрани, водовод, па дури и болници.

„Заканувачки пораки се испратени од Gmail, ProtonMail, Eunet mail, Yandex, како и преку анонимни телефонски повици“, соопшти МВР. Досега се идентификувани вкупно 19 електронски адреси, од Србија и од странство. Утврдено е дека осум такви закани дошле од Полска, четири од Гамбија, по две од Иран и Нигерија и по една од Украина, Словенија и Русија.

Кога мејловите доаѓаат од сервери кои како бизнис-модел ја нагласуваат приватноста, тогаш е многу тешко да се добијат информации за сторителите, објаснува за ДВ експертот за сајбер безбедност Адел Абусара.

„Ако го земеме за пример Proton-mail, единствениот начин да дојдеме до резултати е нашето МВР да стапи во контакт со Европол, тие пак со швајцарската полиција, полицијата со судството, потоа судството му наредува на Proton-mail да ги открие сопствениците на мејлот од кој е испратен, па потоа следува правна битка“, изјави Абусара.

А, таа битка може да трае, бидејќи серверите чија деловна политика високо ја цени заштитата на податоците на нивните корисници имаат цели тимови на адвокати кои се борат против секое барање од нив да ги откријат податоците на нивните клиенти. „Затоа патот е доста тежок и долг и не зависи толку од нашите институции“, објаснува Абусара.

„Ова е напад на Србија“

За причините за ваквите масовни извештаи засега се осмелуваат да коментираат само државни функционери, кои се согласуваат во оценката дека станува збор за притисок од странство поради невоведувањето санкции кон Русија. „Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија, а притисоците се неверојатни од ден на ден“, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

Министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, додава дека ова е „специјална војна“ со цел „Србија да престане да води независна политика и да носи одлуки под притисок и во страв“. „Нападите врз нашата земја не се иницирани или извршени од ниту еден поединец. Тоа се масовни, организирани и многу скапи хакерски напади, извршени од различни центри за хибридна војна“, се вели во соопштението на министерот.

Screenshot Youtube N1 | Bombendrohungen an Schulen in Serbien
Евакуација на зоолошката градина во БелградФотографија: youtube.com/N1

Сепак, експертите велат дека во овој момент е тешко со сигурност да се протолкуваат мотивите, но дека во секој случај не може да се зборува за терористички напад или сајбер-тероризам. „Фактот дека нешто доаѓа од руски или швајцарски сервер апсолутно не значи дека сте нападнати од Швајцарец или Русин, туку дека некој ја искористил техничката можност да предизвика паника во овој случај, а тоа може да биде од секаде“, објаснува Абусара. .

Во исто време, Србија не е изолиран случај. Дојавите за бомби пристигнуваат и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Романија - иако не толку масовно, а слични случаи се забележани и во други делови на светот во последните години.

„Имаше случај на еден тинејџер пред три години кој испрати пораки со бомби на илјадници адреси во различни училишта и градинки, со што ги парализираше институциите, така што овие работи се случуваат, прашање е само колку брзо можете да реагирате законски“, објаснува Абусара.

Последиците можат да бидат долгорочни

Иако ниту една од досегашните пријави не се покажала како вистинита, за полицијата секоја пријава значела дека контрадиверзантска единица мора да излезе на терен, да ги евакуира сите граѓани кои се нашле на тие места и детален преглед на секој агол.

„Тоа секако води до исцрпување на системот и затоа се надевам дека ќе престане. Никогаш не можете да имате доволно луѓе да одговараат на сто лажни дојави за бомби секој ден“, вели Абусара.

- повеќе: Германските медиуми за „мистериозните закани“ со бомби во Белград

Од МВР додаваат дека во милиони се мерат штетите поради изгубеното работно време и застојот на стопанството. Освен стопанството, на удар е и училишниот систем, кој по речиси три години борба со епидемиските услови за работа, штотуку се нормализира.

„Сето ова доаѓа во време кога осмоодделенците се подготвуваат за завршните испити, матурантите завршуваат средно образование, а наставниците се обидуваат да го надополнат изгубеното за време на короната. И сега се враќаме на онлајн наставата, повторно губиме часови, па ќе има голем стрес и за наставниците, учениците и родителите, па повторно којзнае по кој пат губење на настава“, вели за ДВ претседателката на Унијата на синдикатот на образованието, Јасна Јанковиќ.

- повеќе: Мистериозни закани со бомби во црногорските училишта

Абусара сепак смета дека граѓаните на Србија немаат причина за страв, но напоменува дека тоа сепак не значи дека секоја пријава треба внимателно да се проверува, бидејќи ако само една не е лажна, размерите на последиците би биле огромни.