1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Дали сте ранобудник или „ноќна птица“, зависи од гените

Александер Фројнд
18 септември 2021

Студија потврдува: нашите гени влијаат врз нашиот биолошки часовник и одредуваат кога најдобро функционираат нашите когнитивни способности и способноста за учење

https://p.dw.com/p/3z8fc
Symbolbild WHO Studie Lange Arbeitswoche erhöht das Risiko tödlicher Erkrankungen
Фотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Нашето секојдневие е приспособено кон ранобудните: писмените тестови во училиште обично се закажуваат во првите училишни часови, многу канцеларии и продавници отвораат уште во рани зори, градежниците радо уште на изгрејсонце почнуваат да удираат со чеканите. А оној кој има проблем со тоа, го сметаат за спанко или арамолебец. 

Но, луѓето поседуваат различни биоритми, како што е познато од биологијата: во зависност од хронотипот, нашиот внатрешен часовник чука поразлично, констатираа и американските научници Џефри Ц. Хол, Мајкл Росбаш и Мајкл В. Јунг, за што во 2017 година ја добија и Нобеловата награда за медицина.

Ранобудниците обично со работа почнуваат порано, брзо се концентрираат и можат порано да завршат со работата. Така настанува впечатокот дека „имаат повеќе од денот“. „Ноќните птици“ напротив стигнуваат во полна форма дури тогаш кога другите веќе се поуморени. Тие меѓутоа најчесто своето секојдневие го совладуваат поопуштено и според студиите затоа често се покреативни и поиновативни.

Разликата ја предизвикуваат гените

Студија од 2016 година успеа да идентификува 15 слични гени, кои одлучуваат како ќе отчукува нашиот внатрешен часовник. Седум од нив се дури и блиску до веќе познатите гени, кои веројатно го регулираат ритамот спиење-будење, покажа истражување на наследните гени на околу 90.000 луѓе.

Кај луѓето - „ноќни птици“ освен тоа телесната температура расте дури подоцна отколку кај ранобудниците, а кај нив е одложено и излачувањето на хормонот кој поттикнува спиење – мелатонин. Студијата покажа дека жените се почести ранобудници од мажите.

Продуктивноста на поединецот зависи од неговиот биоритам

Научна потврда за поврзаноста на психолошките процеси во мозокот и содветниот хронотип доаѓа сега и од истражувачите во Лајбниц институтот за труд во Дортмунд (IfADo): според студијата, когнитивните способности, како способноста за учење, интелигенцијата и меморијата дефинитивно се разликуваат од еден до друг хронотип.

Се тестирал степенот на способноста за забележување, работната меморија и когнитивните функции на 36 испитаници за време на нивното посебно активно време во денот.

Резултатот е недвосмислен: когнитивните способности и моторичкото учење во преферираното време од денот е значително подобро во однос на времето кое не им е толку „омилено“ на одделни луѓе.

Mutter Schlafentzug Müdigkeit Symbolbild
Фотографија: Colourbox

Биоритамот се менува со староста

Меѓутоа, без оглед на генетските предиспозиции, нашиот внатрешен часовник доживува крупни осцилации во текот на нашиот живот: најголем дел од малите деца се екстремни ранобудници, со годините биоритамот им се менува. Со хормоналните промени во текот на пубертетот, мнозинството тинејџери стануваат спанковци. Дури по пубертетот се движат кон фактичкиот, генетски предодреден хронотип.

Да се води сметка за сопствениот биоритам

Оној кој трајно живее против својот биоритам, му штети на своето здравје и ризикува болести како прекумерна тежина, тешкотии во концентрацијата и дијабетес.

Никој не треба да се извинува што неговиот биоритам е поинаков отколку кај другите. Доколку е можно, нашиот дневен ритам треба да го усогласуваме на нашиот хронотип, тоа не е изговор, туку соодветствува на нашите генетски предиспозиции.