1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали шамиите треба да бидат дозволени во училницата?

Лори Хербер/Марта Таневска27 септември 2013

Пред десет години германскиот уставен суд, забраната муслиманските учителки да ја покриваат главата со шамија, ја прогласи за противуставна. Но во осум германски покраини таа се` уште се спроведува.

https://p.dw.com/p/19oyF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Оваа недела се навршуваат десет години од победата на Фереста Лудин: на 24 септември 2003. година германскиот уставен суд во Карлсруе одлучи дека на учителката не смее да и‘ се оневозможува да носи муслиманска шамија на глава. Баш тоа сакаа да го постигнат властите во покраината Баден Виртемберг. За оваа тогаш 31- годишна муслиманка тоа бил голем успех по големата борба која ја водела низ повеќе судски инстанци. „Да, тогаш славев за таа пресуда“, раскажува денес Фереста Лудин. „Но, последиците всушност беа штетни“.

Судиите од Карслруе, седиште на германскиот уставен суд, во својата пресуда оставија едно важно ограничување: државно тело не може да им забрани на наставничките да предаваат со својата шамија, но може соодветен закон.

Streit um Kopftuchverbot
Фереста ЛудинФотографија: picture-alliance/dpa

Училиштето и образованието во Германија се под контрола на сојузните покраини. Осум од нив, од вкупно 16, брзо го воведоа „законот за неутралност“ познат и како „закон за покривање на главата“. Со законот се забранети религиозни симболи во училиштата. Само во некои случаи се допуштени христијански симболи. Набрзо по пресудата во Карлсруе, победата на Фереста Лудин се претвори во пораз.

Верата или кариера

Заговорниците на забраната, на муслиманската шамија гледаат како на симбол за потиснување и обесправеност на жената во исламскиот свет. Наспроти тоа, Фереста Лудин смета дека со оваа забрана на муслиманските жени им се онемовозможува професионална иднина. Овој проблем и‘ е познат на Серифи Ај: со оглед на тоа што таа многу го сака германскиот јазик и толку добро го владее што другите ученици ја задевале дека се изразува граматички правилно, сакала да стане наставничка по германски. На оваа млада жена од Есен во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, и‘ е понудено место со полно работно време во Дуизбург. Но само под услов на часовите да не носи шамија на главата. „Морав да одлучам дали ќе ја следам верата и ќе бидам автентична или сакам без шамија да ја градам својата кариера во училиштето“.

Lehrerin mit Kopftuch
Серифе АјФотографија: Privat

Серифе Ај го следела своето срце и со тоа ги изгубила скоро сите изгледи да работи како учителка. Бидејќи освен службените пречки, има и длабоко вкоренети предрасуди. „Дискриминирачкото правило оневозможува и ангажман во приватните училишта. Таму одговорните се плашат дека родителите би можеле да се жалат на учителка која својата глава ја покрива со шамија“.

Оваа млада муслиманка нема многу избор: може да се пресели во некоја покраина каде нема „закон за неутралност“, а ако оди некаде подалеку можеби ќе најде и некоја приватна установа која допушта настава со шамија. Или може да предава веронаука, бидејќи на часовите по веронаука носењето на шамија е допуштено.

Критика од активистите за човекови права

Во извештајот насловен како „Дискриминација во името на неутралноста“, кој го објави Хјуман Рајтс Воч во 2009. јасно се наведува: „Сојузните покраини кои во училиштата забрануваат верска облека, а допуштаат христијански симболи, отворено дискриминираат од верски причини“. Освен тоа тука се работи и за дискриминација на половите, смета Хјуман Рајтс Воч. „Го поткопува правото на жената на автономија, слобода на избор, приватност и сопствено сфаќање на самите себе, на ист начин како што во другите земји присилно се носат муслимански шамии“.

Kopftuchverbot Sawsan Chebli
Савсен ЧебилФотографија: picture-alliance/dpa

Савсен Чебил, која е референтка за меѓукултурни прашања во берлинскиот Сенат, тврди дека на општеството му требаат повеќе муслиманки на јавни функции, бидејќи само со поголемо присуство ќе биде постигната поголема прифатеност: „Има многу млади жени кои главата ја покриваат бидејќи тоа го доживуваат како дел од својот идентитет, иако нивните родители тоа не го бараат од нив“.