1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даночните оази во Европа

Бернд Ригерт/Б. Георгиевски10 април 2013

Швајцарија е добро познато скривалиште на парите на богатите ширум светот, но оваа земја не и припаѓа на ЕУ. Во рамките на Унијата, Луксембург е најголемата даночна оаза, која притоа работи согласно законите.

https://p.dw.com/p/18CIi
Фотографија: picture alliance/Rzepka

Што сакаат инвеститорите? Голема сигурност за своите пари, високи камати и најнизок можен данок. Вакви услови не се наоѓаат само на белите песочни плажи на Карибите. Даночните оази цветаат и во Европа, вели Рајнхард Килмер, германски истражител на даночни затајувања.

„Не мораме да бараме на Карибите. Можеме да излеземе и пред нашата врата“, вели Килмер, додавајќи дека Британија си ги има Каналските острови, Франција го има Монако, а Европа си има проблеми со Луксембург, Швајцарија и Австрија. Добивките можеби не се толку високи како на Девствените острови, но сигурноста е гарантирана, вели Килмер.

Водечката даночна оаза во рамките на ЕУ е малечкото кнежевство Луксембург, земја основач на ЕУ. Но тамошниот министер за финансии Лик Фриден ја отфрла забелешката за неговата земја како за даночна оаза. „Ние сме европски центар на финансиите, и никого не охрабруваме на даночно затајување“, вели Фриден. Во Луксембург работат 141 банки од 26 земји.

Низ декадите, Луксембург изгради репутација на инвеститорска даночна оаза. Околу 2,1 трилиони евра се наоѓаат во инвестициските банки во Луксембург, според проценките на консултантската фирма Огие. Даноците се многу ниски на овие фондови, поради што многу меѓународни компании отвораат свои претставништва во Луксембург, со цел да плаќаат понизок данок на својот профит. Тоа е целосно легално во Европа. Парите однадвор му обезбедуваат на Луксембург највисок приход по глава на жител во ЕУ, па не е ни чудо што жителите го бранат овој бизнис модел.

Luc Frieden Finanzminister Luxemburg
Лик ФриденФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Проблематична транспарентност

Наспроти барањата за поголема транспарентност, Луксембург, како ни Австрија- алпската даночна оаза, не дозволуваат увид во сметките на нивните инвеститори. Овие две земји досега успешно ја блокираа автоматската размена на податоци за профит од инвестиции и даноци која ја воведе ЕУ. Еврокомесарот за даноци Алгирдас Семета лани оцени дека таквата пракса е „целосно нефер“.

Во принцип, ЕУ воопшто и не е одговорна за даночната политика, која им е оставена на поединечните земји членки. Идејата е дека е пожелно да постои конкурентност меѓу различните даночни модели. Малта, на пример, воопшто не ги оданочува компаниите, додека Кипар има стапка од 10 проценти, а Ирска 12,5 отсто.

Што се однесува до финансиската политика, не е неопходно да постојат униформни даночни модели, вели Гунтрам Волф, економист во тинк-танкот Бригел во Брисел. Но потребни се прецизни правила.

„Даночната транспарентност е клучна. Даночните оази во европскиот блок не се пожелни. Тоа е така затоа што во вакви случаи една држава ја води својата даночна политика на сметка на другите“, вели Волф.

Колапс на банките значи државен банкрот

Кога ќе се случи криза, како кипарската, тогаш другите земји од ЕУ треба да ја плаќаат сметката. Но владините портпароли во Луксембург и Малта ги отфрлаат споредбите со Кипар. Но и банките во овие две земји еден ден можат да се најдат во неволја, смета Томас Мејер, главен економист во Дојче Банк. „Дури и со најдобрата контрола, банките можат да се најдат во неволја. А кога државата е премногу мала во споредба со банкарскиот сектор, тогаш ќе мора да банкротира“, вели Мејер.

Guntram Wolff
Гунтрам ВолфФотографија: privat

Во Кипар, банките вредеа седум пати повеќе од БДП на државата, додека во Луксембург тој однос е 1 спрема 22. Мејер препорачува ваквите држави да чуваат големи резерви сопствен капитал, наместо досегашната пракса да се потпираат на ЕУ.

Од друга страна, не постои согласност ниту околу прашањето: што е даночна оаза? Доколку се земат стандардите на Организацијата за економска соработка и развој, ниту една европска држава не е даночна оаза. Ниските даноци во една земја, поради кои се прелеваат инвестиции од друга држава со високи даноци, не е нелегална пракса.

Според индексот на британската невладина организација „Мрежа за праведни даноци“, Швајцарија е на прво место во светот, следена од Кајманските острови и Луксембург. Германија се наоѓа на деветтото место. Милијарди евра на странски инвеститори се слеваат во Германија поради воздржаноста на германските банки кон даночните власти во Русија и Арапскиот свет.