1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Датум за преговори можен годинава

1 април 2009

Европската унија годинава може да одлучи за отворање на преговори за членство со Македонија и да им понуди безвизен режим на граѓаните на Македонија - порача Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен.

https://p.dw.com/p/HNzJ
Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

Доколку Македонија ги исполни поставените критериуми за членство, Европската комисија до крајот на годината ќе даде препорака за започнување на претпристапните преговори.

„Што се однесува до Поранешната Југословенска Република Македонија, изборите се sine qua non услов за напредок“, порача Оли Рен во обраќање пред Европскиот парламент, повторувајќи дека „полуфиналето“ на изборите поминало добро и сега се очекува последната етапа. Тој смета дека вториот круг на изборите е многу значаен и може на Македонија да и' донесе препорака за отворање преговори за членство веќе оваа есен.

„Ако земјата ги задоволи условите и напредне во реформскиот процес, Европската комисија ќе може да размислува за препорака за преговори до крајот на оваа година “, рече Рен. Тој појаснува дека по препораката од ЕК, земјите-членки се тие што треба да одлучат дали и кога преговорите ќе бидат отворени. Рен смета дека спорот околу името е проблем што треба да се реши, но не е поврзан со препораката на ЕК за отворање преговори за членство. Комисијата одамна повторува дека нејзиниот заклучок ќе зависи од исполнувањето на бараните услови, а не од Грција.

И европарламентарците на исто мислење со Рен

Слично размислуваат и членовите на Заедничкиот комитет за соработка помеѓу Европскиот парламент (ЕП) и македонското Собрание, што се одржа паралелно со состанокот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, пред која говореше Оли Рен. Со одредени забелешки, европарламентарците го поддржаа мислењето на Оли Рен, барајќи на Македонија годинава да и' се даде датум за преговори и да биде донесена одлука за укинување на визниот режим.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei
Патување без визи - сон за граѓаните од МакедонијаФотографија: picture-alliance/chromorange

Во работата на комитетот учествуваше и македонскиот вицепремиер, Ивица Боцевски, кој предупреди дека ако нема прогрес во евроинтеграцијата, постои опасност да се создаде „премореност од посветеноста“, мислејќи на замореноста од проширување, што толку често се споменува во Брисел.

Усвоениот завршен документ, во голема мера е копија на резолуцијата усвоена пред дваесетина денови од страна на Европскиот парламент.

На Заедничкиот комитет се разговараше и за раководењето со фондовите на Европската унија, со акцент на претпристапната помош за еколошки прашања во регионалната соработка, како и за образовни програми.

До проширување мора да дојде

Европратениците сметаат дека ЕУ треба да ги исполни обврските кон земјите од Југоисточна Европа, бидејќи, според нив, иднината на Западен Балкан е во членството на секоја држава од регионот во Унијата, врз основа на индивидуални постигнувања. Тоа уште еднаш беше потврдено во извештајот за зацврстување на стабилноста и просперитетот на Балканот, усвоен од Комисијата за надворешни работи на ЕП.

Europäisches Parlament von Innen
Европарламентарците сметаат дека ЕУ треба да ги исполни обврските кон Западниот БалканФотографија: Photo European Parliament/Architects : Architecture Studio

„Пораката на овој извештај е дека мора да дојде до проширување. Ние не смееме да останеме врзани само со Лисабонскиот договор односно проширувањето на ЕУ да се условува со неговото усвојување, вели поднесувачот на извештајот, шведската европратеничка Ана Ибрисагиќ. Таа смета дека може да се случи Лисабонскиот договор да не биде ратификуван од сите, затоа проширувањето на ЕУ не смее да биде запрено.

Што се однесува до визниот режим, Оли Рен рече дека и покрај општиот замор од проширувањето кај 27-те земји членки, ЕК во првата половина на 2009 година може да препорача укинување на визниот режим за некои од балканските земји, доколку продолжат со реформите. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ потоа треба да ја донесат конечната одлука кон крајот на 2009 година, при што ќе го земат предвид напредокот на земјите во борбата против организираниот криминал, биометриските пасоши и ефективната контрола на границите.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска



Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема