1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дачиќ повика на гласање на Косово

ЕМФ/бета19 октомври 2013

Претседателот на Владата на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Грачаница ги повика косовските Срби да гласаат на локалните избори и да ја земат власта во свои раце.

https://p.dw.com/p/1A2cU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, пред собраните граѓани во Грачаница, кои носеа плакати на кои пишуваше „Србија со години беше со вас, сега е ред вие да бидете со нејзе“ и „Со гласот за ’Српска’ гласаш за Србија“, денеска (19.10) рече:

„Приштина ми забрани доаѓање во Штрпце, бараат да не се мешам. Нема потреба да се мешам, зашто знам дека ќе гласате за оние кои ќе имаат единствен став со Белград. Приштина не им забранува доаѓање на оние кои се залагаат за бојкот на изборите и колаборација со Приштина, зашто на Приштина не и‘ одговара да излезете на избори.“

Дачиќ на Србите уште им рече:

„Не ве повикувам да излезете на избори поради Приштина, туку поради нас и вас. За да имате власт која ќе ги артикулира вашите интереси и ќе формира заедница на српски општини.“

Српскиот премиер, нагласувајќи дека било „доста од порази, потребни се победи“, побара победа на локалните избори во Косово:

„Не победа за ’Српска’ (изборната листа на граѓанската иницијатива Српска), туку победа за единство на Белград и Србите од Косово и Метохија“, нагласи Дачиќ, додавајќи дека е точна изјаваа на косовскиот премиер Хашим Тачи дека тој го посетува Косово од верски причини:

„Рекоа дека мојата посета е од верски карактер и тоа е точно, зашто верувам во Србија на Косово и Метохија“, подвлече српскиот премиер.