1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија ќе ги затвори границите ако тоа го направат другите

Аделјхад Фајлке/превод:Ж.А.13 февруари 2016

Српскиот министер за надворешни работи во интервју за Дојче веле повикува на единствен пристап на ЕУ во бегалската криза. Ако земји на Балканската рута ги затворат своите граници, Србија ќе биде принудена на истото.

https://p.dw.com/p/1Huun
Фотографија: DW

Дојче веле: Србија е една од главните земји на Балканската рута на мигрантите кон Европа. Кои мерки ги планира Вашата држава за да ја држи ситуацијата под контрола?

Ивица Дачиќ: Морам да кажам, досега имавме фер и конструктивен пристап кон ова прашање и за тоа добивме пофалби од цел свет, од ЕУ, од ОН и големите светски сили. Низ нашата земја лани поминаа 600.000 мигранти. Нас не загрижува тоа што ЕУ нема единствена политика и став што ќе прави натаму. И различните одделни мерки на поединечни држави не‘ доведуваат во тешка ситуација. Како што најави австриската дипломатија, како што нам ни најави австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, Австрија го ограничува бројот мигранти до одредена квота, а тоа се 37 500 бегалци. Нашите натамошни чекори ќе зависат првенствено од потезите на земјите кои се на таа Балканска рута. Значи, мора да видиме што планира да направи Австрија, дали ќе ја затвори својата граница, а потоа подоцна, да видиме дали тоа ќе го направат и Словенија и Хрватска. Тогаш и Србија би била принудена едноставно да ги затвори своите граници, зашто немаме можност толкав голем број луѓе да останат во Србија.

На Минхенската конференција за безбедност го споменавте Косово како едно од местата каде би можеле да престојуваат мигрантите или да поминуваат низ него. Што имате конкретно во предвид?

Феноменот што бегалците не сакаат да ја менуваат рутата е многу занимлив, односно тоа што никој не одел преку Косово. Причината е веројатно што Србија хумано се однесувала кон нив. Меѓутоа, како тоа ќе се одвива натаму, ако бидат затворени границите, дали ќе се бараат нови рути, ќе видиме во следниот период. Битно е мигрантската криза да не направи проблеми во Европа, а со самото тоа и на Западен Балкан. Затоа мораме да водиме многу сметка за последиците од бегалската криза.

Србија се соочува со избори. Дали прашањето за бегалците може да биде инструментализирано во текот на кампањата?

За жал, може да се случи бегалската криза, односно затворањето на границите, да се тематизира во предизборната кампања. Меѓутоа, тоа што досега беше јасно, е тоа што Србија не е го злоупотребуваше прашањето за бегалците, односно партиите на власт не се раководеа од критериумот дали е нешто популарно или не, туку пред се сакавме да ги следиме и германските ставови за овие прашања. Затао и имавме многу конструктивен пристап кон проблемот. Сигурен сум оти Србија ќе биде пример за хуман однос кон мигрантите.

Како ги коментирате најновите мерки на НАТО и ЕУ во врска со бегалците?

Мислам дека е тоа работа на ЕУ. Србија не е членка на ЕУ и не сакаме да се мешаме. Станува збор за заштита на надворешните граници и мислиме дека е тоа важно прашање, првенствено во поглед на помагањето Грција полесно да се избори со проблемот, зашто тој потоа се пренесува натаму.