1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајана Најад влезе во историјата

Александар Методијев/дв/афп/миа3 септември 2013

Дајана Најад успеа – таа е првиот човек кој успеал да преплива од Куба до Флорида без заштитен кафез од ајкули. 64-годишната пливачка вчеравечер (по европско време) го заврши 53-часовното пливање на патека од 170 км.

https://p.dw.com/p/19anY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Петтиот обид се покажа како успешен. Толпа љубопитници и новинари ја пречекаа на брегот во близина на Ки Вест на Флорида. Тие ја снимаа и бодреа кога излезе од водата и неколкуте метри од плажата се обиде да ги изоди сама.

Авантурата започна од Хавана во саботата (31.08) и траеше 53 часа. Во неа на Најад и‘ помагаше тим луѓе на неколку бродови, кои ја следеа. Во текот на ноќите таа доживеала екстремен студ. Докторите информираа дека по завршетокот на авантурата јазикот и усните на пливачката се отечени, а говорот и’ е отежнат. При излегувањето од водата таа успеа да изјави:

„Имам три пораки. Првата е дека никогаш не треба да се откажуваме. Втората е дека никогаш не сте престари за да ги остварите своите соништа. Третата е дека ова изгледа како индивидуален спорт, ама тој е тимски“.

Си пеела во себе и броела дури и на германски

Една од работите што ги интересираше новинарите е како таа останала присебна во текот на долгите часови пливање?

„Кога се чувствував добро и пливав за време на часовите со дневна светлина, си пеев во себе песни од Нил Јанг и броев на француски, германски и шпански и така времето ми минуваше“, изјави за СиЕнЕн пливачката Најад.

Diana Nyad Schwimmerin Ankunft in Florida Start Kuba
Фотографија: REUTERS

За време на пливањето Најад носеше специјален костим за капење, ракавици, чевли и специјално дизајнирана протетичка маска за заштита од медузи. Така таа успеа и да ја зголеми својата брзина на 2,83 километри на час во неделата, иако веќе пливаше 24 часа. Откако излезе од водата таа беше зашеметена и со изгореници од сонцето, по што веднаш беше пренесена во болница.

Најад призна дека специјалната заштитна маска, која требала да ја заштити од медузи, всушност и‘ направила проблеми – поради неа пливачката голтала големи количества солена вода.

„Бев многу болна. Морам да кажам – две ноќи страдав поради маската. Ама тогаш не мислиш на ништо друго. Само се справуваш со тоа и преживуваш, а тимот некако ти помага да минеш низ тоа“, рече пливачката.

Дајана Најар се обидуваше да ја преплива оваа делница уште од 1978 година, кога имала 28 години. До нејзиниот последен, петти и единствен успешен обид, единствен човек на кој му успеало да го преплива теснецот меѓу Куба и Флорида е Австралијката Сузан Маронеј, но таа тоа во 1997 година на 22-годишна возраст го направи со заштитен кафез од ајкули.