1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040610 Friedensjirga Abschluss

5 јуни 2010

Во Кабул заврши тридневната мировна џирга, односно мировниот племенски совет. Повеќе од 1.600 делегати ја повикаа владата да ги почне преговорите со талибанците.

https://p.dw.com/p/Niji
Хамид Карзаи на заседанието на џиргатаФотографија: AP

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи доби мандат да преговара со талибанците. Мировната џирга заврши со декларација, која речиси се поклопува со концептот на владата. Сеопфатни, целосни и праведни - со овие зборови претседателот Карзаи ги оцени барањата произлезени од џиргата и уште еднаш ги повика бунтовниците:

„Драги браќа, драги талибанци, дојдете назад, заедно да изградиме мирен Авганистан.“

Меѓу другото, Карзаи предложи обичните борци на талибанците да добијат амнестија, пари и шанси за работно место, доколку се откажат од насилството. Водечките лица, пак, ќе имаат шанса да побараат азил во странство.

Уште 200 други барања

Резолуцијата што беше донесена содржи повеќе од двесте барања. Исламистичките екстремисти треба да ги прекинат сите врски со Ал Каеда, додека лидерите на бунтовниците траб да бидат избришани од црната листа на ОН. Остана нејасно дали се работи за раководството на талибанците, предводено од Мула Омар. Освен тоа, како знак на добра волја, владата се обврзува да ги ослободи затворениците, кои се држат в затвор „по грешка“.

Abschluss Dschirga Afghanistan Kabul 2010
Авганистански делегати на џиргатаФотографија: picture alliance / dpa

Понатаму, од меѓународните безбедносни трупи се бара да се откажат од воздушни напади врз цивилни цели. На крајот, мировниот племенски совет бара и составување на постојана комисија, која ќе работи на спроведување на мировниот процес.

Наместо коалиција против тероризам, коалиција за мир

Потрагата по мирот мора да биде спроведена со полна сила, истакна Киамудин Кашаф, заменик-претседателот на џиргата:

„Ја повикуваме авганистанскта влада и сите бунтовнички групации да работат заедно на што поскоро спроведување на оваа програма.“

Бурханудин Рабани, пак, кој е претседател на мировниот племенски совет, упати апел до владата и до меѓународната заедница:

„Наместо коалиција против тероризмот, треба да се изгради коалиција за мир.“

NO FLASH Jirga Afghanistan Schießerei Anschlag
На почетокот на џиргата извршени беа неколку напади врз КабулФотографија: AP

Мала веројатност за прифаќање на предлозите

Сепак, мала е веројатноста талибанците и останатите бунтовнички групации да ги прифатат предлозите за склучување мир. На почетокот на џиргата тие извршија неколку напади врз Кабул. Како услов од нивна страна за почнување на процесот на помирување, тие го поставија повлекувањето на странските трупи од Авганистан, што делегатите на џиргата едногласно го одбија.

Автор: Сабина Матај / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска