1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се преживее додека да заврши војната

Сенада Соколу / Александар Методијев7 ноември 2013

Од почетокот на сириската граѓанска војна, Турција е едно од прибежиштата на сириските бегалци. Тие во големите градови просат на улиците или, пак, продаваат вода. Така го чекаат крајот на војната и враќањето дома.

https://p.dw.com/p/1ADGm
Фотографија: DW/M. Olivesi

Според податоците на турската Служба за заштита при катастрофи, во моментов во земјата се наоѓаат околу 600.000 сириски бегалци. Околу една третина од нив се сместени во бегалски кампови, а две третини во изнајмени сместувалишта. Само во Истанбул, според проценките, живеат 150.000 сириски бегалци. Се очекува таа бројка натаму да расте. Обединетите нации проценуваат дека дополнителни два милиони Сиријци ќе ја напуштат својата земја во следната година. Со напливот на бегалските бранови растат и трошоците. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган зборува за трошоци од околу две милијарди долари, кои Турција ги има потрошено за прифаќање и згрижување на бегалците.

„Турската влада прави што може“, вели Халим Јилмаз, заменик-претседател на организацијата за заштита на човекови права „Мазлумдер“. Во септември труската Служба за заштита при катастрофи им загарантира бесплатна здравствена заштита во болниците на сите официјално регистрирани сириски бегалци, објаснува Јилмаз во разговорот за Дојче веле.

Syrische Flüchtlingskinder mit Lezgin Akan Aktivist in Istanbul
Лезгин Aкан со сириски деца-бегалци во ИстанбулФотографија: DW/S. Sokollu

„Исто така, турското Министерство за образование официјално објави дека сириските деца-бегалци можат да посетуваат образовни институции. Но, бидејќи предуслов е регистрирано место на живеење, тоа беше тешко да се спроведе во пракса“, додава Јилмаз. Тој додава дека она што им недостига на сириските бегалци е психолошката поддршка, која мора да дојде од општеството. „Не е само финансиската помош која им е потребна, туку им е потребен и добар сосед или пријател“, нагласува активистот за заштита на човековите права.

Сиријците да не останат без покрив над глава

Да се биде пријател - ваквата задача се обидува да ја исполни Лезгин Акан. Колку што е можно почесто 23-годишниот студент по комуникациски науки се шета низ улиците во истанбулската населба Фатих, со цел да се распраша за тоа како се чувствуваат сириските бегалци. По пет минути тој наоѓа двајца сириски браќа, кои лежат на тревата во паркот.

„За нив двајцата најдов работа, ама поради непознавање на јазикот не можеа да се разберат. Сега тие се повторно тука“, вели Акан за Дојче веле.

Syrische Flüchtlinge Riyad Ahmed Husein und Dilges Husein
Ријад Ахмед Хусеин и Дилгес ХусеинФотографија: DW/S. Sokollu

Студентот е активен во „Платформа за солидарност за Сиријците во парковите“ - добротворна организација која има над 2.000 поддржувачи на својата Фејсбук страница. Акан со други девет ангажирани лица во организацијата се грижи за околу 150 сириски семејства во Истанбул. Тие се обидуваат да ги тргнат бегалците од улиците, им организираат сместување во станови, ја плаќаат со парични донации првата месечна кирија и се обидуваат да им најдат работа. Така тој им помага на браќата Ријад Ахмед Хусеин и Дилгес Хусеин во потрагата по покрив над глава. Двајцата со своите сопруги и деца пред еден месец побегнале од Сирија во Турција. Тие живеат заедно со други сириски семејства во истанбулската населба Тарлабаси. Акан зборува курдски јазик и главно се грижи за сириските Курди.

„Досега сме навистина успешни. Ниту едно семејство не е гладно или без кров над глава. Со Агенцијата за вработување често е тешко, бидејќи работодавачите бараат официјални документи“, вели Акан, кого познаниците го критикуваат со дискриминирачки прашања: „Зошто им помагаш? Тие се питачи, крадци“.

Бегалците велат дека кога ќе заврши војната сакаат да се вратат дома - во Сирија. Во меѓувреме сите се снаоѓаат да преживеат, па така едно 11-годишно момче вели: „Продавам вода на улица. Морам да заработам пари. Сега јас сум мажот во домот“. Акан секојдневно гледа солзи, како во очите на ова дете. Тој им помага на бегалците, додека не се вратат во Сирија - нивната татковина.