1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да се продаде или да се умре“

2 ноември 2009

Експанзијата на трговската дејност ја претвори Македонија во своевиден глобален трговски центар. Според државниот завод за статистика, на крајот од минатата година во земјата имало вкупно 23 илјади трговски објекти.

https://p.dw.com/p/KLVN
Фотографија: Ognjen Alujevic

Низ македонските градови можат да се видат се’ повеќе трговски центри со зелената боја на турски „Рамстор“, супермаркети со црвена боја на грчки „Веро“, дисконти на словенечки „Меркатор“ и на српската фирма „Делта“. Според заводот за статистика, на крајот од минатата година во земјата имало вкупно 23 илјади трговски објекти: од големи супермаркети до мали дуќанчиња. Најмногу трговски објекти има во Битола, Тетово и во скопската општина Центар.

Einkaufen im Supermarkt mit Thumbnail
Фотографија: Bilderbox

Која е причината за експанзијата на трговијата, која е присутна во се’ позначајна мера и во структурата на странските инвестиции во Македонија? „Маркетиншкиот концепт, наречен ’Да се продаде, или да се умре’ се претвора се’ повеќе во животна филозофија,“ вели професорот на Економскиот факултет во Прилеп Љупчо Печијаревски и дополнува „Имаме една амбивалентност, една спротивност – кога ќе ги погледнеме макроекономските индикатори, во моментов и драстичниот пад на производството, како и на бруто домашниот производ, тогаш се поставува оправдано прашањето: која е смислата според која инвестирањето во трговските објекти треба да биде во преден план, а не инвестирањето во производствените процеси?“

Абдулменаф Беџети, професор на Економскиот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, коментира: „Сигурно имаме повеќе инвестиции во трговските, отколку во производствените, или во преработувачките капацитети. Денес се инвестира повеќе во трговијата, бидејќи повратот на капиталот е побрз таму и ризикот е помал. Алтернативните бизниси се повеќе можни, односно постои поголема флексибилност за преориентација кон други бизниси.“

Во Тетово ќе се гради нов трговски центар – шести по ред

Во Тетово, град со пет веќе постојни помали, или поголеми трговски центри, во кои многу локали се под клуч, кои се издаваат под кирија, или се продаваат, се најавува изградба на уште еден објект од таков вид. Компанијата „Фридман“ од Унгарија на промоцијата на проектот деновиве во Стопанската комора во Македонија соопшти дека планираниот Плаца-центар со површина од вкупно 22 илјади квадратни метри, распоредени во 120 продавници на светски познати брендови и еден супермаркет, ќе биде „најголемиот трговски центар на еден кат во Македонија“.

Mazedonien Land und Leute Tetovo
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Регионалниот менаџер на унгарската компанија Ѓокан Ишевџан вели: „Инвестицијата ќе изнесува 18 милиони евра. Со градбата започнуваме за 2-3 месеци. Ќе отвориме 400 нови работни места.“

Според централната статистичка институција, во Македонија од април до јуни 2009 година споредено со истиот лански период трговијата на мало опаднала за 4,3 отсто, а прометот во трговијата на големо дури за 15,3 отсто. Надоврзувајќи се кон овие бројки професорот Печијаревски вака ја заокружува вака својата анализа: „Никој не е заинтересиран дали таа потрошувачка има реално покритие во однос на можностите на потрошувачите. Од една страна, се отвораат трговски објекти и се нудат производи, а од друга страна граѓаните купуваат најчесто со кредитни картички, на кредит.“

Како и да е, овие и други економски експерти сметаат дека десеттиците милиони евра странски инвестиции во трговските објекти во Македонија се, сепак, позитивен тренд, но и ја советуваат Владата: да го приспособи економскиот амбиент се’ повеќе и за вложувања во нови производствени капацитети.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска