1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контра: Да се укине двојното државјанство!

Керстен Книп/ЗЈ10 август 2016

Двојното државјанство првенствено претпоставува лојалност на новите државјани кон политичкиот поредок на избраната татковина. Tоа веќе не се подразбира самопосебе. Затоа тоа треба да се укине, смета Керстен Трип.

https://p.dw.com/p/1JdX3
Фотографија: Reuters/T. Schmuelgen

Снимките и натаму иритираат: десетици илјади луѓе, меѓу нив – може да се претпостави – и многумина германски државјани, мавтаат знамиња на друга земја. Монотонијата на морето од турски знамиња ја нарушуваат само неколку, занемарувачки малку, германски.

Се наметнува прашањето: На која земја, на која влада ѝ се лојални демонстрантите од турско потекло, кои на претходниот викенд во Келн излегоа на улица за поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган? Понатаму мора да се постави и прашањето какви политички идеали имаат тие, ако слават шеф на држава кој еден пуч искористи како повод за плурализам, толеранција, слобода на изразување на мислење и демократија да замени со масовни апсења, конфискација на приватен имот и забрани за патување.

Кој е „ние“?

Сосем е очигледно дека тие, кои му искажаа подршка на Ердоган, ја одобруваат неговата политика. Тоа мора да го вознемири секого, кој во Германија се залага за споменатите вредности. Тука е и прашањето за ризикот за правната држава и демократијата, ако оние, кои не ги споделуваат до крај тие вредности, можат да добијат германско државјанство - со поднесено барање или оти се овде родени. Тешко може да се отфрли впечатокот дека оние кои го славеа Ердоган можат да бидат или можеби и веќе одамна се` петта колона на Анкара. Ова дотолку повеќе, ако уште е во сеќавање говорот на Ердоган во Келн во 2008. година: „Зошто ние да немаме претставници и групи во политичките партии? Зошто ние да немаме уште повеќе претставници во германскиот парламент, во парламентот на ЕУ?“, рече тој тогаш. Нужно се наметнува прашањето: Кој е „ние“? Се смета Ердоган себе си за германски Турчин? Тешко е за верување. Тогаш тоа значи дека тој како турски политичар води надворешна политика во Германија и тоа со помош на германските Турци. А тоа не смее да биде.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Неизбежен конфликт на лојалноста

Згора на ова, против двојното државјанство одат и сосем принципиелни нешта. Државите се дефинираат, покрај другото, и преку нивните интереси, за кои на различни начини се ангажираат нивните граѓани. Граѓаните од своја страна можат да имаат различни политички идеи, но претпоставка е дека сите заедно се залагаат за надредените интереси на нивната заедничка држава.

Токму таа претпоставка се доведува под прашање со двојното државјанство. Оти, како ќе се однесуваат лицата со двојно државјанство кога двете земји чии државјани се имаат различни интереси? Тогаш тие нужно ќе мораат да се определат за интересите на едната и против интересите на другата држава. Се` едно за која и да се определат и во која и да живеат, тие во секој случај ќе бидат припадници на туѓа држава чии интереси ефективно ќе ги застапуваат, на пример, преку правото да гласаат на избори.

Фундаментален ризик

Тоа не е проблематично се` додека интересите и гледиштата на обете држави претежно се совпаѓаат. Ако го нема тој предуслов, двојното државјанство станува политички ризик. Државите кои го дозволуваат, ставаат на коцка дел од својот суверенитет и во случај на дилема тие се соочуваат со државјани кои не само што не ги споделуваат тие интереси, туку и настапуваат против нив.

„Слободарската, секуларна држава живее од предуслови кои самата не може да ги гарантира“, напиша пред повеќе години Ернст-Волфганг Бекенферде, специјалист за уставно право. Тоа значи дека државата зависи од граѓаните кои се застапуваат за тие слободи. А токму тоа е се` помалку самопосебе разбирливо во еден свет, во кој се` повеќе луѓе доаѓаат од региони со сосем поинакви политички и културни предуслови. Со тоа двојното државјанство станува фундаментален ризик. Затоа и треба да се укине.