1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двајца победници во Црна Гора!?

ЖА/дв/макфакс8 април 2013

Кој ќе биде новиот претседател на Црна Гора? Опозицијата тврди дека победил нејзиниот кандидат Миодраг Лекиќ. Но, тоа истото го тврди и противкандидатот, актуелниот шеф на државата, Филип Вујановиќ.

https://p.dw.com/p/18BTX
Фотографија: Reuters

Двајцата кандидати за претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ и Миодраг Лекиќ прогласија синоќа (07.04) победа на изборите за шеф на државата, а дилемата за тоа кој во следните пет години ќе биде на чело на државата ќе ја реши Државната изборна комисија. Вујановиќ изјави дека освоил 51,3 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Лекиќ 48,7 проценти. Лекиќ, од своја страна, тврди дека освоил 50,0 отсто, а Вујановиќ 49,5 проценти.

ДИК по завршувањето на гласањето не излегуваше во јавноста со резултати, а се очекува да се огласи откако ќе се обработат резултатите од целото избирачко тело.

Вујановиќ и Лекиќ, откако ја прогласија победата на претседателските избори, ги повикаа своите приврзаници да бидат трпеливи и да се воздржат од славење се‘ додека ДИК не ги соопшти конечните резултати од гласањето. ДИК, согласно законот, е должна во рок од најмногу 36 часа по затворањето на избирачките места да излезе во јавноста со прелиминарни резултати, што значи дека најдоцна до утре во осум часот ќе мора да ги соопшти првичните резултати.

Вујановиќ, кој е претседателски кандидат на Демократската партија на социјалистите и актуелен шеф на државата, изјави дека неговата победа е чиста, но ги повика своите приврзаници сепак да ги почекаат резултатите од ДИК.

Wahlen in Montenegro
Резултатите од изборите официјално ќе се знаат наскороФотографија: picture-alliance/dpa

Според Лекиќ прогласувањето на победата од страна на Вујановиќ претставува државен удар.

„Им порачуваме дека кражбата нема да ја признаеме. Ги повикувам граѓаните да не наседнуваат на провокациите на ДПС“, нагласи Лекиќ.

Коалицијата на Лекиќ, Демократски фронт, соопшти дека нејзиниот кандидат води пред Вујановиќ со 50,5 наспроти 49,5 проценти.

На претседателските избори во Црна Гора гласаа околу 64 отсто од избирачите. Вчерашните избори беа шестите од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора, односно втори по стекнувањето независност во 2006 година.

Претседателската функција во голем степен има церемонијален карактер, но и покрај тоа, евентуалната победа на Лекиќ би претставувала сериозен удар врз популарноста на владејачката Демократска партија на социјалистите на Црна Гора, која е на власт над 20 години.