1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два урнати авиони во Русија

25 август 2004

Ноќеска околу 23 часот по локално време, односно 21 по средноевропско, речиси истовремено се урнаа два руски патнички авиони

https://p.dw.com/p/AcLm
Делови од урнатиот „туполев 134„
Делови од урнатиот „туполев 134„Фотографија: AP

Претседателот Владимир Путин нареди истражна постапка на тајните служби за внатрешна безбедност со оглед на можноста да станува збор за терористички напади.

Од поголемиот од двата авиона, кусо пред да се изгуби од радарот, бил испратен сигнал за аларм при киднапирање. Авионот од типот Туполев 154 се наоѓал на линијата од московскиот аеродром Домодедово кон туристичкиот центар Сочи на Црното море, каде во моментов се уште на одмор се наоѓа и рускиот претседател Владимир Путин. Остатоците од урнатиот авион спасувачките екипи ги нашле во подрачјето на градот Ростов на Дон. Според изјавата на министерот за цивилна заштита Сергеј Шојгу пронајдени се остатоците и на вториот авион, како и една од црните кутии. Вториот, помал авион од типот Туполев 134 исто така тргнал од Домодедово и се упатил кон Волгоград. Тој се урнал на околу 200 км јужно од Москва. Во двата авиона, според официјалните податоци се наоѓале 88 патници и членови на екипажот.

Руските сили за безбедност се концентрираат во истражната постапка на аеродромот од кој полетале двата урнати авиона. Поради изборите во Чеченија закажани за наредниов викенд, во Русија деновиве беше воведен зголемен степен на безбедност, особено на аеродромите.