1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двете Кореи разговараат за заедничкиот индустриски комплекс

СН/ртр/дпа/афп6 јули 2013

Јужна и Северна Кореја ги започнаа разговорите за повторно отворање на заеднички управуваната индустриска зона Кесонг.

https://p.dw.com/p/19344
Фотографија: picture-alliance/AP

Претставници на властите во Сеул и во Пјонјанг се сретнаа на севернокорејската страна на пограничното место Панмунџон, соопшти јужнокорејското министерство за национално обединување. Двете страни, инаку, во четвртокот (04.07) се согласија да водат работни разговори за повторно отворање на заеднички управуваниот индустриски парк Кесонг.

Јужнокорејското Министерство за национално обединување претходно соопшти дека работните разговори за продолжување на активностите во заедничка индустрска зона Кесон ќе ги опфатат индустриската опрема и материјалите, останати во зоната по нејзиното затворање.

Севернокорејските власти пред околу три месеци „привремено“ ја затворија оваа специјална економска зона во пограничниот град. Причина беа растечките тензии меѓу двете земји. Кесонг не само што е симбол за меѓукорејското приближување, туку важи и за важен „носач“ на девизни средства за сиромашната, но добро вооружена Северна Кореја. До затворањето, во комплексот, за 123 претпријатија од Јужна Кореја работеа 50 илјади слабо платени Севернокорејци.