1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две децении од бунтот на Вевчанци

Милчо Јовановски7 август 2007

Со мирен собир се одбележуваат 20 год. од протестот на Вевчанци. Во тогашна СФРЈ милицијата со електрични палки сакаше да го задуши нивниот протест поради намерите на власта за пренасочување на вевчанските извори.

https://p.dw.com/p/BRm2
Биењето на камбаните го означи почетокот на мирниот протест на ВевчанциФотографија: DW-TV

Вевчани ширум светот е познато по печалбарството, извонредните мајстори – фасадери ...и карневалот. Но, од крајот на 80-тите години на минатиот век, за Вевчани во тогашна СФРЈ, а подоцна и пошироко – по решителното НЕ на Вевчанци кое и‘ го кажаа на власта.

Намерата да ни‘ се земат изворите беше само повод што не‘ натера да почнеме штрајк со глад, а протестите да траат со месеци”, вели Мишо Србаковски, еден од директните учесници во немилите настани од пред две децении: ”48-та со Информбирото, 50-тите години во Вевчани се случија многу немили настани само затоа што вевчани сакаше да си го подобри економскиот развој. Во 68-та година кога процути здравството на овие простори - во Вевчани и кога луѓето се лекуваа по швајцарски стандарди, веднаш беше удрено по Вевчани, а Вевчанци ги направија првите барикади.”

Србаковски додава дека две децении подоцна, во 1989 година, “Вевчанци, пеш до Скопје, со својот слободарски дух и нетрпејќи неправда успеаја да ја урнат тогашната македонска власт - паднаа Јаков Лазаровски, Вулнет Старова, Глигорие Гоговски.”

Политичкиот врв се поклони пред Вевчанци

Имињата на оние кои се непожелни во Вевчани стојат и денеска на плочата, кај пазарот, и опоменуваат – власта се извини за своите постапки, но кривичните пријави против нив останаа без завршница:

”Тогаш целиот политички врв на Македонија се поклони пред народот на Вевчани. Потоа се свика вонредна седница на Централниот комитет и после тоа почна распадот на таа тогашна политичка елита”, вели Србаковски.

На тие времиња се сеќава и сегашниот градоначалник на Вевчани, Васил Радиновски:

”Тоа беа многу бурни времиња, тоа беше времето пред падот на Берлинскиот ѕид, и ние Вевчанци сме горди на тоа.”

Слободата е релативна

Вевчани денеска има околу три илјади жители, а борбата за вистината сеуште тлее и трае. Слободата е релативна работа, вели Радиновски, и за неја човек треба да се бори секогаш:

”Вевчани е постаро од Берлин и од Прага и никогаш во својата историја не паметиме закрепостеност, односно Вевчанци никогаш не биле закрепостени селани, туку секогаш биле слободни луѓе, слободни граѓани. Слободата ни‘ е многу важна.”

Биењето на камбаните и денес како и пред две децении во Вевчани го означува почетокот на мирниот протест, како израз на зачувувањето на сопственото достоинство. Вевчанци од министерството за внатрешни работи чекаат да им ги предаде електричните палки употребени пред 20 години и тие да станат дел од Музејот на отпорот.