1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070909 Klimapolitik BTW

30 септември 2009

Како истовремено да се поттикне стопанството и да се штити климата? Во изминативе месеци честопати може да се слушне дека излезот од кризата е во еколошката технологија. Германија, во тој поглед, има што да понуди.

https://p.dw.com/p/JmKA
Фотографија: AP

На средбата во италијанскиот град Л’Аквила, летоска, 16 земји со најголеми емисии на издувни гасови што предизвикуваат ефект на оранжерија се договорија за ограничување на затоплувањето на земјината клима за два степена. Иако не звучи така, за индустриските земји ова значи радикален пресврт. Оти, за да се постигне целта, на пример, во Германија треба веќе до 2030 година целосно да бидат запрени емисиите на јаглен-диоксид. Тоа претпоставува радикална преориентација во снабдувањето со енергија, но и кај многубројни производствени процеси.

Може ли токму со заштита на климата да се надминат и последиците на економската криза - прашање што во последно време му го поставуваат на германскиот сојузен министер за екологија Зигмар Габриел: „Многу влади, и германската и американската меѓу нив, велат: ако сега пумпаме милијарди во стопанството, тогаш барем нека бидат за негово модернизирање, да го направиме поефективно, да ја намалиме потрошувачката на енергија, повеќе да инвестираме во обновливи енергии. Ние во Германија, Американците, Индијците и Кинезите, сите сме за тоа, заштитата на климата сега да се искористи насекаде во светот за модернизација на стопанството, но во вистинска насока“, вели Габриел.

Малку програми се еколошки

Се чини дека првата шанса не е искористена - од многуте донесени конјуктурни програми за поддршка на стопанството во светот само малку се еколошки. Во тој поглед најдобро стојат Јужните Корејци и Кинезите. Сеул, според студијата на британската банка ХСБЦ, насочи 80 насто од парите во еколошки проекти, Пекинг една третина. Во Германија и во САД уделот изнесува 15 проценти, но во Америка тоа, сепак, се многу пари, оти вкупниот волумен на конјуктурните програми изнесува 970 милијарди долари. Германската премија за расходување стари автомобили не заслужува да биде наречена еколошка, оти набавката на нови автомобили не беше поврзана со еколошки услови.

Но, германската индустрија во заштитата на климата гледа шанса за овдешните претпријатија, кои се веќе сега водечки на пазарот со зелените технологии. „Уверени сме дека технологиите кои ни‘ помагаат да ја надминеме кризата со климата ќе можат да бидат носители на стопанскиот пораст во 21 век. Класичната индустрија, на пример, произведува специјални челици и пластики, ги прави авионите, бродовите и автомобилите се’ полесни, но и покрај тоа се’ постабилни и посигурни, и на тој начин штеди енергија и јаглен-диоксид. Со тоа, пак, дава придонес за контрола на промената на климата“, вели Курт-Кристијан Шел од Здружението на германската индустрија.

Сертификатите ќе треба да се купуваат

Претпријатијата се соочуваат со големи финансиски оптоварувања со сертификатите за права на емисии на јаглен-диоксид. Од 2013 година тие сертификати веќе нема да бидат издавани бесплатно, туку ќе мораат да се купуваат. Но, додека се бесплатни, германската индустрија е во понеповолна позиција во меѓународната конкуренција, а за стопанството останува вечниот конфликт меѓу екологија и економија.

Инаку, тешката светска економска криза беше од полза за светската клима: лани емисиите на јаглен-диоксид во 15-те стари членки на ЕУ опаднаа за 1,3 насто, главно поради рецесијата. Годинава билансот веројатно ќе биде уште подобар, со оглед на драматичниот пад на производството.

Автор: Хенрик Беме/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска