1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две нови слободни економски зони

Горан Петрески25 јуни 2007

Македонија ќе отвори уште две нови слободни економски зони во Скопје и во Тетово. Европа бара да се намалат бенефициите за странските инвеститори во слободните зони за да се спречи нелојална конкуренција

https://p.dw.com/p/B0RG
Една од зоните треба да биде во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Преку вицепремиерката габриела Коневска европската комисија испрати забелешки на царините и даноците што се плаќаат во слободните зони.

“Треба да се најде сооднос меѓу бенефициите кои ќе се дадат на инвеститорите, а притоа да не се наруши системот на конкурентност“, вели Коневска.

Странските инвеститори во бесцаринските зони 10 години се ослободени од плаќање данок на добивка, пет години добиваат олеснувања во делот на персоналниот данок. Не плаќаат комуналии, ниту поврзување на инфраструктурните мрежи за гас, струја и вода во слободните зони кои ги гради државата. Ресорната министерка, Вера Рафајловска вели дека овие бенефиции нема да се намалат.

„Ќе се пристапи кон измени, меѓутоа тоа нема да значи намалување на бенефициите во слободните зони, туку ќе значи само порамноправен третман на сите учесници во зоните“, рече Вера Рафајловска, министерка за економија.

Измените на законот треба да бидат готови до септември. На ексклузивитетот што го добиваат странците во зоните веќе реагираа и македонските компании.

Претставниците на бизнис заедницата во Македонија не се противат на поволностите за странците, но бараат Владата да ги отвори бесцаринските зони и за домашните фирми.

Интересот за инвестирање во слободните зони кај странските компании е зголемен велат во владата и тврдат дека проектот бесцарински зони не е спорен за Европа.

„Регулативата во РМ не е во директна спротивност со регулативата во европските држави и ние овие наши позиции ги презентираме и ги браниме и пред Европската комисија и пред другите наши партнери“, изјави Ивица Боцевски, портпарол на Владата.

Европската комисија реагираше и се закани со антидампинг мерки против Силмак на барање на европските производители на феросилицум, бидејќи комбинатот од Јегуновце им ги уривал цените. Слободните зони се стар проект што успеа да заживее дури лани со доаѓањето на америкнанската компанија Џонсон Контролс. Оваа компанија за автомобилска опрема веќе гради фабрика во Бунарџик а се очекува влез и на британската Џонсон мати.