1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две столчиња

28 октомври 2017

Грубите пораки на Хојт Ји во Белград, дека Србија мора да се одлучи: дали ќе ги прифаќа европските или руските вредности, не беа насочени само кон таа земја, туку кон целиот Западен Балкан. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/2mcM1
Innenarchitektur: Wartebereich mit zwei Stühlen
Фотографија: Imago/Westend61

Можеби Александар Вучиќ бил свесен за настаните што ќе следат, кога за време на кампањата за претседателските избори во Србија зборуваше за „македонско сценарио“ и тврдеше дека ако стане претседател нема да го дозволи тоа. Настаните од оваа недела ја покажаа заблудата на српскиот претседател: дека тој може да го контролира општеството со лостовите на моќта и диктатот во медиумите, но и дека може да ги спречи работите кои се тркалаат од друго место. Посетата на заменикот-помошник на американскиот државен секретар, Хојт Брајан Ји, на Белград (а и на Приштина), ја соголи сегашната српска политика и јасно ги оцрта рамките на стратегијата на САД за целиот овој регион.

Добро паметиме што се случуваше во Македонија по доаѓањето на Ји во Скопје три дена по крвавата драма во Собранието на 27 април и како тој ги забрза транзицијата на власта и враќањето на државата на демократските текови. А и на брзото решавање на долгата криза во Албанија, кога изгледаше дека таа не може да се отплетка поради големата политичка антагонизација. Тоа некому може да му изгледа како претерано мешање на Америка во внатрешните работи на една земја, но факт е дека после тоа дојде до своевидно ослободување на напнатоста во општеството. Ослободувањето од авторитарниот режим во Македонија беше почетокот на придвижувањето на замаецот на демократските промени во Западен Балкан и дека почнуваат грижите на силните популистички лидери во регионот. Тоа беше главниот проблем на Александар Вучиќ кога зборуваше за „македонско сценарио“.

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Пораките на Хојт Ји во Белград беа наменети за целиот БалканФотографија: MIA/Photo Service

Хојт Ји како промотор на ЕУ

Ако она што го кажа Хојт Ји на 1 мај во Скопје имаше некаква дипломатска обланда (иако пораките за правецот по кој треба да се движи Македонија беа јасни и прецизни), изјавите на Американецот во Белград беа во голема мерка зашеметувачки за тамошната власт. САД се наоѓаат во политички хаос по изборот на Доналд Трамп за претседател, моќта на институциите се поткопува, претседателот врши невиден напад врз слободните медиуми, обвинувајќи ги дека се „лажни вести“, но политиката кон овој регион се води според автономен систем во Стејт департментот веќе 20 години. И секако, според интересите на САД во глобалната игра за надмоќ и дистанцирањето на Русија од Балканот. Нема ништо поинакво од она што го изјави тогашниот американски државен секретар Џон Кери – „Македонија е на првата линија на огнот“ – само што таа линија сега е исцртана 650 километри на север, до Суботица преку Белград.

Хојт Ји во Белград се претстави како главен промотор на Европската Унија (се разбира, не на НАТО, по незалечените лузни од воената интервенција во 1999 година) и на нејзините вредности за слободно општество и слободни медиуми. Но она што го кажа беше дури и премногу грубо за една политичка елита која мисли дека може да игра со повеќе адути в рака, да кокетира и со Исток и со Запад (како што тоа го правеше претходната македонска влада). Хојт Ји (во чиј ресор се Европа и Русија) со оваа посета на Белград ја цементираше својата улога како дипломатски специјалец за Балканот, му се допаѓало тоа некому или не. Ји добро го знае регионот. Беше директор за европски работи во Националниот совет за безбедност, работеше во штабот на НАТО како шеф на политичкиот кабинет на тогашниот генерален секретар Хавиер Солана, беше конзул во Солун и политички офицер во Подгорица од 2002 до 2005, па заменик на амбасадорот на САД во Загреб од 2010 до 2013, кога беше именуван за заменик-помошник државен секретар. Иако беше избран за времето на Барак Обама, администрацијата на Трамп го остави на неговото работно место – меѓу другото, да ги решава проблемите онаму каде што пратениците и комесарите на ЕУ не можеа докрај да ја завршат работата. Некому изгледа дека тој е прениско ниво за проблемите на Балканот, но очигледно дека неговиот мандат и знаење се повисоки од функцијата.

Vucic bei Putin 08.07.2014
Србија треба да се одлучи, побара Хојт Ји (фото: средба во Москва на Вучиќ и Путин, 08.07.2014)Фотографија: picture-alliance/dpa

Изјавата на Хојт Ји кажана на српски јазик – „Не може да се седи на две столчиња, особено ако се далеку и доколку може да се падне од голема висина“ – е медиумски најспектакуларниот дел од неговиот престој во Белград. Тој побара од Србија да се одлучи – или сака да влезе во Европската Унија или сака блиски односи со Русија. Но она што тој го кажа во интервјуто за агенцијата ФоНет е политички најспектакуларно, без дипломатски фрази. Еве неколку поенти од тоа интервју:

-     САД со дипломатијата, програмите за помош и со јавните пораки ќе ѝ помогнат на Србија и на земјите од регионот. Колку што се важни стабилноста, безбедноста и напредокот, толку се важни демократијата, почитувањето на човековите права, професионалните и независни медиуми и владеењето на правото;

-     Помошта и инвестициите од Русија во Србија се безначајни во споредба со оние на европските и американските партнери. Лани инвестициите од Русија изнесуваа 80 милиони долари, а од Европската Унија 1,5 милијарди долари. Тука нема споредба;   

-     Не се противиме Русија да одржува односи со Србија, знаеме дека тие односи секогаш беа силни. Но важно е луѓето во оваа земја да сфатат дека руската визија за Србија и Западниот Балкан е различна од визијата која Србите ја имаат за својата земја и визијата на партнерите во Америка и Европа за Србија и Западен Балкан;

-     Нашата визија е Србија подобро да се интегрира во Европа и да биде дел од европското семејство на напредните демократии и мислам дека Русија нема таква визија за Србија и Западен Балкан;

-     Набавката на руските авиони зависи од владата, но бидејќи Србија го избра европскиот пат во интерес на Белград е да одбере европски решенија во трговијата и безбедноста;

-     Вашингтон е многу загрижен околу можноста генералот во пензија Владимир Лазаревиќ, кој во Хаг е осуден за вени злосторства во Косово, да стане предавач на Воената академија во Белград. Тоа е суверена одлука на владата, но е многу силен сигнал кога осуденик за воени злосторства ќе добие функција во власта. Каква порака испраќа Србија со тоа кон своите партнери во Европа и Америка и посветеноста на владеењето на правото;

-     Мора да се спроведе правдата за убиството на американските државјани Илир, Мехмет и Агрон Битиќи во полициската база во Петрово Село во 1999 година и палењето на амбасадата на САД во 2008 година. Треба да одговараат не само извршителите, туку и наредбодавачите.

Овие зборови не беа насочени само кон Белград, туку и кон Скопје, Приштина, Сараево, Загреб, Подгорица, Тирана. Сите тие треба јасно да се определат кои се нивните приоритети, колку ги прифаќаат европските вредности и дека завршува времето кога можат амбивалетното да се однесуваат кон слободата медиумите и владеењето на правото.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Реалноста и предрасудите

Сето ова, како и изјавата дека е нејасно зошто Русија инсистира на дипломатски статус на нејзиниот контроверзен хуманитарен центар во Ниш, Хојт Ји му го кажа директно и на Вучиќ на нивната средба. Прес-службата на Вучиќ соопшти дека „откако внимателно го сослуша, претседателот на Србија, на многу директен начин одговори на неговите забелешки, а содржината на одговорот ќе биде соопштена наредните денови“. За време на разговорот од час и половина Ји, како што стои во соопштението, ги пофалил економските реформи и напредокот на Србија кон членството во ЕУ, но одредил што ќе биде одлучувачко за тоа: владеење на правото, слободата на медиумите и нормализацијата на односите со Косово.

Додека јавноста во Србија чекаше да дознае што му кажал Вучиќ на Ји, човекот што секогаш зборува побрзо од настаните што се случуваат, министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, остро го нападна Хојт Ји. Дачиќ заборави како во септември во Њујорк му покажуваше заеднички слики на Трамп за време на една вечера, па сега ја отфрли Америка. „Приказните за тоа дека Србија седи на две столчиња се глупости, бидејќи некои луѓе, вклучувајќи и претставници на Стејт департментот, многу ја гледале ’Војната на светотвите‘ и научно-фантастичните приказни. Србија не ја интересираат туѓи столчиња, ниту имаме две, туку само едно, а тоа е Србија“.

Во сличен тон реагираше и Министерството за надворешни работи на Русија: „Американскиот дипломат грубо бараше од Белград да ја преиспита својата соработка со Русија и да се фокусира исклучиво на приближувањето кон Европската Унија. Ги повикуваме нашите американски колеги да не ги наметнуваат своите непријателски идеолошки стереотипи кои ги поткопуваат темелите на меѓународната стабилност и соработката на Балканот и во Европа“. Провладиниот таблоид „Информер“ овие пораки и реакции ги сведе во еден наслов: „Брутална уцена. Нов курс на САД: Америте ја малтретираат Србија да се пресмета со Русија“.

Karte Balkan EU-Länder Nicht-EU-Länder ENG
Емоциите на Балканот секогаш биле пред разумот

Во основа, Хојт Ји не кажа ништо поразлично од она што го мисли српската јавност – дека не само државата, туку и граѓаните седат на две столчиња. Токму тоа го покажа и анкетата на Истражувачкиот центар Демостат од септември – Србите со своето срце се на Истокот, а со џебот на Западот. Според анкетата, 41 отсто од граѓаните веруваат дека Русија е најдобар пријател на Србија, но 52 отсто би сакале да живеат во некоја западна земја, а не во Русија. Дури 16 отсто од анкетираните одговориле дека сакаат нивните деца да живеат во Германија.

На листата на земји кои се сметаат за најдобри пријатели на Србија освен Русија, се и Кина со 6 отсто, Македонија со 3 отсто и Грција и Црна Гора со 2 отсто.

Емоциите на Балканот секогаш биле пред разумот. Па, така, српските чувства за Русија не се дел од двострана љубов, затоа што според сличното истражување на рускиот Левада центар, Русите ја ставија Србија на 12. место на пријателски земји, зад повеќе поранешни советски републики, Кина, Индија, Куба и Венецуела.

Србија не е осамена во регионот во помешаните приоритети. Во преполитизираните и сиромашни општества недостасува минимален баланс меѓу желбите и потребите, меѓу реалноста и предрасудите. Луѓето се многу сериозни кога мислат на квалитетот на нивниот живот, а ставот за меѓународната позиција на земјата е комплетно ирационален.  

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар