1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоцифрена инфлација во Македонија

Горан Петрески 4 јули 2008

Стапката на инфлација во Македонија е зголемена за 10,1 посто. Животот станува поскап, а многумина ги ситнат заштедите. Некои експерти прогнозираат дека цените наскоро ќе се стабилизираат.

https://p.dw.com/p/EW5x
Се менуваат се повеќе девизи во МакедонијаФотографија: dpa

Инфлацијата во Македонија е зголемена, трошоците за живот пораснале за 10,1 отсто. Во најголем дел порастот на стапката за инфлација се должи на зголемувањето на цените на храната и поскапувањето на нафтата. Растот на цените ја загрозува индустријата и транспортниот сектор, но сепак најпогодени се граѓаните.

Животот е се поскап, многумина ги ситнат заштедите за да се спрвата со високите цени. Во менувачниците велат дека е се поголем бројот на луѓето кои менуваат девизи во денари.

Експертите прогнозираат дека цените наскоро ќе се стабилизираат. Професорот Драги Димитриевски вели „Се очекува дека 2008/09 година ќе дојде до стабилизирање на цените. Никогаш повеќе нема да се вратат цените на она што беше пред 2007, но ќе се стабилизираат цените на земјоделските производи.“

Владата се огласи со смирувачки тонови, според министерот за финансии Трајко Славевски, инфлацијата ќе биде запрена, а крајот на годината ќе донесе стабилизација. Сепак неколку месечниот растечки тренд на инфлацијата ги подгреа гласините за можна девалвација на денарот. Бизнисмените, а особено извозниците велат дека тоа е најдобар начин за справување со огромниот трговски дефицит, надлежните негираат дека денарот ќе девалвира.