1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојна стратегија на Ердоган

ЖА/дв/дпа/ртре14 јуни 2013

Турскиот премиер Ердоган синоќа (13.06) во резиденцијата во Анкара се сретна со претставници на демонстрантите од паркот Гези во Истанбул, само неколку часа откако постави ултиматум за завршување на протестите.

https://p.dw.com/p/18p9E
Фотографија: Reuters

Средбата, според турските медиуми, траела четири часа и Ердоган го повторил ставот за одржување референдум за жителите на Истанбул за проектите во Гези.

„Сакаме да знаеме што мисли населението во Истанбул, и тоа решение ќе биде многу значајно за нас“, изјави Хусеин Челик, портпарол на владејачката Партија на правдата и развојот по средбата на Ердоган со претставници на демонстрантите.

Челик уверува дека Владата нема намера да извршува градежни промени во паркот Гези, каде веќе две недели има демонстранти, пред населението на Истанбул да се изјасни за проектот за градење во паркот.

Во делегацијата на демонстрантите имаше 10 луѓе, меѓу кои и претставници на граѓански организации.

Стап и морков?

Ердоган во средата (12.06) имаше средба и со други претставници на демонстрантите, кои тој ги одбра, но таа група не беше одобрена од демонстрантите.

Türkei Proteste gegen die Regierung 07.06.2013 Ankara
Фотографија: Marco Longari/AFP/Getty Images

Ердоган вчера упати ултиматум кон демонстрантите, но неколку часа подоцна тие го одбија ултиматумот и отфрлија референдум за градежните работи во паркот. Според нив, референдумот не може да го реши проблемот во врска со основните права и личните слободи. Некои членови на протестното движење го изразуваат и стравувањето - десно-религискиот премиер, кој со години ја има власта, при референдум би можел да го мобилизира целиот апарат на неговата владејачка Партија на правдата и развојот. Предлогот за изјаснување на народот и разговорите со претставници на демонстрантите се само дел од стратегијата која ја води Ердоган. Од друга страна, неговата влада продолжува со тврдата линија. Така, и ноќеска полицијата во Анкара со сила се пресметуваше со демонстрантите. Неколку часа пред средбата на Ердоган со претставници на протестното движење, полицијата вчера (13.06) во Истанбул повторно употреби солзавец врз група од околу 200 демонстранти во центарот на градот, близу резиденцијата на премиерот. Петмина демонстранти се приведени. Полицијата употреби и водени топови за да ги растури протестите. Ердоган вчера попладнето ги повтори своите предупредувања и побара од оние кои протестираат да ги соберат своите шатори и да го расчистат паркот Гези, истакнувајќи дека трпението му е пред крај.

„Предупредувам последен пат: мајки, татковци, приберете си ги децата“, истакнал Ердоган.

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, пак, ја отфрли критиката која стигнува од странство, пред се‘ од САД и ЕУ:

„Турција нема да дозволи да и‘ се делат лекции од држави или групи на држави“, изјави тој.