1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојните стандарди во ЕУ треба да исчезнат

13 октомври 2011

Европскиот парламент денеска (13.10) ја усвои Резолуцијата за приклучување на Бугарија и Романија кон Шенген-зоната. Во расправата вчера се бранеше правото на двете земји за приклучување под исти услови како другите.

https://p.dw.com/p/12r5y
Фотографија: DW

Во повеќе од едночасовната дебата, најголемиот број на европратениците, со исклучок на неколкумина, потврдија дека не може да им се наметнуваат нови услови на државите членки кои веќе се наоѓаат во процесот на приклучување на Шенген-просторот. Европскиот парламент ги повика државите членки да ги почитуваат основните критериуми за членство во Шенген и да не му даваат приоритет на националниот популизам.

Правилата за фер игра не важат

„Па дури и ако го направија најдоброто што можеа за технички да бидат подготвени, двете земји не успеаја да се квалификуваат за Шенген-лигата, затоа што некои судии во текот на играта одлучија дека утврдените правила за фер игра не важат и создадоа нови правила, кои всушност никој не ги знае, но кои имаат сериозни последици“, сликовито ја објасни ситуацијата романската европратеничка Ренате Вебер.

„Двојните стандарди треба да исчезнат во одлуките на европските полититички лидери. Доколку овие двојни стандарди не постоеја, Романија и Бугарија веќе ќе беа во Шенген просторот“, нагласи европратеничката од редовите на либералите.

Романија и Бугарија ги исполнуваат условите за Шенген

„Романија и Бугарија ги исполнуваат условите кои им беа наметнати на земјите што влегоа во Шенген-просторот во 2008, па дури тие изгледа дека се и поподготвени од тие кои беа прифатени без воздржување тогаш. Се споменува потребата од сигурна борба против корупцијата и организираниот криминал. ’Глупости’, ако можам така да речам. Која е тажната реалност? Политичката еволуција во некои земји е единствената реална причина за ова одбивање. Ксенофобијата ја минира се‘ повеќе и повеќе Европа, се игра со стравовите, бидејќи причината за одбивањето е стравот од недоволната контрола на границите, со што се открива реалноста на она што е Шенген-просторот“, нагласи француската европратеничка Мари-Кристин Вержиа од групата на Обединетата левица.

„Ние се наоѓаме во нејасна и бесперспективна ситуација, во која држави членки ги исполнуваат своите обврски, но тие се блокирани, па дури можеме да кажеме и казнети од две други земји членки, што е надвор од сите правни основи“, додаде со горчина Мариан Жан Маринеску од редовите на Народните партии.

EU Parlament in Straßburg Flash-Galerie
Европарламентарците во дебатата побараа еднакви правила за ситеФотографија: picture alliance/dpa

„Разбирање“ за позицијата на Холандија и Финска

Мара Бицото од Италија потсети дека Финска и Холандија се спротивставија во рамките на Советот од едноставни причини, запрашувајќи се: „Дали Бугарија и Романија ќе можат ефикасно да ја конторлираат границата? Има многу корупција кај политичката елита. Европол во својот извештај за 2010 за организираниот криминал го вели истото. Значи не е популизам, ако се отвораат сериозни безбедносни проблеми. Па Бугарија сака сега да влезе во Шенген, но полициите и безбедносните организации велат дека бугарската граница, посебно морските граници со Турција и Источна Европа, ќе бидат изложени на криминална активност и Бугарија и Романија ќе станат сцени за трговија со луѓе и дрога“, аргументираше пратеничката во името на Европската група за слобода и демократија.

Одлуката е во рацете на Советот

Еврокомесарката за внатрешни работи, Сесилија Малмстром пред европските парламентарци беше јасна: „Одлуката за приклучувањето на Романија и Бугарија на Шенген-просторот е во одговорност на Советот. Советот е тој кој може да одговори на повеќе од вашите прашања. Од страна на Комисијата, ние повеќепати рековме дека двете земји ги исполнуваат техничките критериуми, тие и‘ припаѓаат на Шенген-зоната и го поддржуваме нивниот влез во Шенген-зоната.“

Таа притоа рече дека Комисијата ги поддржува напорите на полското претседателство и се надева дека во многу блиска иднина ќе биде најдено решение.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска