1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дебатата за задолжителна вакцинација е бесмислена

Фабијан Шмит
29 декември 2020

Минаа неполни три дена од првата вакцинација во Германија, а веќе се дискутира за тоа дали можните привилегии за вакцинираните лица се неправедни кон другите. Бесмислена дебата, смета Фабијан Шмит.

https://p.dw.com/p/3nJBb
Deutschland Impfbeginn Sachsen-Anhalt Pflegeheim
Фотографија: Matthias Bein/dpa/picture alliance

Кампањата за вакцинација во Германија штотуку започна. И веќе се разгоре жива дискусија меѓу политичарите, економските експерти, новинарите и другите претставници на дрдоречката класа за наводно претстојно двокласно општество: Дали е оправдано и праведно да им се дозволи на вакцинираните луѓе да прават работи што мора да им ги забраниме на невакцинираните лица? И уште полошо: Дали ни се заканува принудна вакцинација од задната врата затоа што невакцинираните лица се исклучени од јавниот живот?

Најнапред - длабоко вдишете!

Можеме да се поштедиме од целата дебата барем до летото 2021 година, ако ја погледнеме актуелната реалност: Првата жена што е вакцинирана во Германија има 101 година. Таа е пример за тоа, кои се приоритетите во стратегијата за вакцинација.

Главната целе да се заштитат оние кои се особено загрозени од коронавирусот: старите и лицата со претходни болести.

Schmidt Fabian Kommentarbild App
Фабијан Шмит, автор на коментарот

Покрај тоа, германската влада утврди дека прво треба да се вакцинираат лица над 80-годишна возраст, заедно со лекарите и медицинските сестри кои се изложени на висок ризик од инфекција. Потоа, доаѓаат оние над 70 години и други групи со висок ризик. Како трети, на ред се лицата над 60 години, полицајците и другите групи на професии со зголемен ризик од инфекција.

Дури и ако сè оди според планираното, мнозинството помлади луѓе и онака нема да можат да вакцинираат пред летото 2021 година.

Ќе веат ли 90-годишниците знамиња на јужната трибина?

Уште сега да се ​​дискутира дали вакцинираните би смееле да уживаат некакви посебни права, и дали тоа е можеби нефер кон другите, па дури и дали се извршува суптилен притисок врз скептиците за вакцининацијата, целосно нема допир со реалноста.

Нема да има многу луѓе над 70 години кои чувствуваат силна потреба да скокаат во калта на фестивалот за хеви-метал музика во Вакен, или да кампуваат во шатори на музичкиот фестивал Рок ам Ринг, да ја полнат јужната трибина во Бундеслигата или да се забавуваат по скијањето.

Повеќе:

-Вакцинацијата почна, многу прашања сѐ уште без одговор

-Надеж и скепса на почетокот на вакцинирањето во Германија

-Германија: По грешка – дадена петкратна доза вакцина на негуватели

И бројот на наскоро вакцинирани постари и болни лица, кои веќе сега планираат патување со авион, тешко дека ќе биде доволен за да убеди некоја авиокомпанија да се врати во нормална работа.

За такви специјални случаи, само навремен негативен тест на коронавирусот нуди сосема рационално решение. Како замена, туристичките агенции и авиокомпаниите тогаш би можеле да дозволат приложување на доказ за вакцинација, но тоа не може и нема да биде единствениот предуслов за учество во социјалниот живот.

Агенциите и авиопревозниците не можат да се откажат од муштериите

Дури и  најавата на австралиската авиокомпанија „Квантас“ дека ќе им овозможи летање само на вакцинирани лица, не е економски одржлива на долг рок. За такво нешто, во догледно време едноставно нема доволно вакцини. И,  впрочем не е во интерес на компаниите самите да ги исклучуваат клиентите - особено кога тие и онака се прилично претпазливи во ова време на пандемија.

А рестораните? Тие, пак, во никој случај не можат да си дозволат да ги одбијат клиентите кои немаат потврда за вакцинација. Тие дури и нема да инсистираат на актуелен негативен тест на коронавирусот затоа што тој чини повеќе од шницла и пиво заедно.

Тие можат само да се надеваат дека во одреден момент, кога бројот на инфекции повторно ќе се намали, под испробаните хигиенски услови, ќе можат да  продолжат онаму каде застанале пред локдаунот.

И наместо сега да побудалуваме, да хипервентилираме и да дебатираме за луди хипотези, сите треба длабоко да вдишеме и издишеме. Имено, длабок здив и онака ќе ни биде потребен, бидејќи нормалноста по која копнееме нема да се врати толку брзо.

А што ќе се случува од есен наредната година- тоа допрва треба да го доживееме. А за да можеме да го доживееме, останува девизата: Мијте ги рацете! Држете дистанца! Носете маски!