1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата во Бундестагот: една година на големата коалиција

Бернд Греслер23 ноември 2006

Коалицијата задоволна од постигнатото и од меѓусебната соработка, опозицијата остро критикува

https://p.dw.com/p/Ac1T
Канцеларот Меркел пред пратениците во Бундестагот
Канцеларот Меркел пред пратениците во БундестаготФотографија: AP

Завршната дебата за буџетот во германскиот парламент традиционално е и генерална дебата за владината политика. Вчера имаше и дополнителен мотив за тоа – расправата се совпадна со првата годишнина на владата на големата коалиција предводена од Ангела Меркел, како прва жена што стана германски канцелар.

“Се обидувате да пливате врз врз бранот од добри бројки, но во реалноста оваа влада само ја ужива реформската дивиденда на црвено-зелената коалиција” - Ренате Кинаст од Зелените вака ги прокоментира сегашниот стопански подем, повисоките даночни приходи, помалото ново задолжување на државата и половина милион помалку невработени.

Либералите, пак, сметаат дека црно-црвената голема коалиција профитира од поволната меѓународна конјунктура и укажаа на опасноста за забавување на подемот со претстојното зголемување на данокот на додадена вредност. “Не ја искористивте шансата во поволниот развој на светската екјономија да водите политика за развој на Германија. Првата година на оваа влада е во голема мера загубена година” - оцени Рајнер Бридерле.

Канцеларот Ангела Меркел, напротив, наброја цела редица за иднината важни зафати, за потоа да укаже: “Знам дека некои се’ уште повикуваат на голем скок, иако знат дека силата на Германија прво мора уште да порасне”. Меркел потврди дека ќе продолжи политиката на мали реформски чекори и им се заблагодари за соработката на социјалдемократите, партнери во големата коалиција.

Шефот на нивната фракција Петер Штрук исто така ја пофали работата на коалицијата: “Мислам дека ова беше успешна година за нашата земја, меѓу другото и поради тоа што големите партии, кои со децении водена меѓусебна политичка борба, се усогласија и заеднички договорија важни проекти за земјата”.

Една недела пред самитот на НАТО во Рига, Меркел уште еднаш јасно ги отфрли барањата за ангажирање на германските војници и во јужните делови на Авганистан. Бундесверот останува ангажиран на северот, каде живеат 40 насто од Авганистанците, рече Меркел: “Бундесверот и натаму ќе ја носи одговорноста во тој дел во рамките на својот мандат. Овде сакам сосем јасно да кажам и дека не гледам ангажман надвор од тој мандат”.

Меркел, инаку, зборуваше и за две задачи за иднината на кои Германија посебно сака да им се посвети: сигурно снабдување со енергија и заштита на климата. Во тој контекст шефот на фракцијата на Левичарската партија Грегор Гизи и’ префрли: “Вие сте некако спријателени со американскиот претседател Буш од причини што не можам да ги откријам. На крајот со право зборувавте и за еколошки прашања. САД не туркаат во климатска катастрофа. Радо би сакал да знам дали тоа и нему отворено му го кажувате, дали тука и ЕУ настапува и вели: вака веќе не може понатаму, најголемата индустриска нација на светот не може во тој поглед да прави како што сака, оти целото човештво го турка во катастрофа”.

Се разви и жестока контроверза меѓу Гизи и шефот на фракцијата на СПД Штрук околу тоа дали германските воени ангажмани во странство значат ангажирање во војна или не.