1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата во САД околу Блискиот Исток

6 август 2006

На почетокот на неделава американската министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс најави дека е можно примирје до крајот на седимицата. Тоа не се случи, а борбите продолжија со несмалена жестина. Истовремено во САД критичарите го подигаат гласот и говорат дека за Вашингтон дипломатските патишта за решавање на кризата многу се стеснети. Даниел Шешкевиц.

https://p.dw.com/p/Adyy
Војната ги подели Американците
Војната ги подели АмериканцитеФотографија: AP

Последен пат американските трупи во 1978 година беа вклучени во мировна мисија во Либан. Пет години подоцна, во 1983 година како резултат на самоубиствен атентат загина група од 241 американски маринци, кои тогаш служеа во Либан во рамките на мисијата на ОН. Тоа беше и причината зошто до сега американскиот претседател Џорџ Буш одбиваше учество на американските војници во новите мировни трупи, кои би требало да бидат стационирани во Либан. Но, без американски војници, ќе оди тешко, изјави Бил Дитрих, директор на организацијата Пис Оперејшн Програм, која дејствува во рамките на Стимсон центарот во Вашингтон:

„Би било многу важно САД, да стават на располагање поголем дел од својот контингет, за да дадат сигнал дека не стојат само на чело на дипломатскиот фронт за решавање на кризата туку и дека го сноси ризикот во совладување на конфликтот“.

За многумина хардлајнерот, американскиот амбасадор во ОН, Џон Болтон е причина за спороста на решенија во Светската организација. Експертот за ОН на Колумбија Универзитетот Ед Лак вели дека Болтон на останатите во СБ им делува како „црвено крпче на разјарен бик“:

„Изгледа дека Болтоновата преговарачка тактика нема да се исплати. Се чини дека тој всушност ги изолира Соединетите американски држави во ОН“, вели Лак.

Експертите за Блискиот исток како Бил Дурч, укажуваат дека мировните трупи би морале да бидат меѓу 10 000 и 20 000 војници за да бидат успешни, но претходно би морало да биде постигнато политичко примирје и крај на борбите. Но, на САД им недостасуваат партнери за преговори, пред се Сирија и Иран, кои се најголеми помагачи на Хезболах, вели експертот Дурч и додава:

„На сите мировни трупи кои би заминале во Либија, а кои нема да имаат поддршка од Хезболах и кои таму ќе одат без политичка рамка за решавање на конфликтот им се заканува иста судбина како и на мултинационалните сили во Либан во 1983 година“.

Во дебатата се вклучи и поранешниот американски амбасадор во НАТО, Роберт Хантер:

„Кога САД би биле подготвени да преговараат со Сирија или Иран и да им дадат гаранции за безбедност, тоага од овие земји би можело да се бара да ја укинат помошта за Хезболах“.

Но, за решение на конфликтот на Американците не им недостасуваат само вистинските контакти туку и поддршката од арапскиот свет. Таму бушовата администрација се доживува како еднострана и целосно на израелска страна. Со тоа имиџот на САД, а особено ако кон ова се додаде и операцијата во Ирак, ја достигна најниската точка во историјата. Поранешниот советник за безбедност на американскиот претседател Бил Клинтон, Сенди Бергер оценува:

„Проблемот е во тоа што во се недостасува носечки темел, фундамент. На актуелната американска влада и недостасува добра архитектура, која би можела да се ангажира на Блискиот Исток“.