1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебитантот на чело, фаворитите и натаму без победа

А. Цимонс, Б. Вист / З. Ј.25 август 2008

Во Бундеслигата и по второто коло Баерн и Вердер се’ уште во исчекување на првиот успех - двете дерби средби не донесоа победник. Извонреден старт на новиот член на лигата Хофенхајм, единствен тим со стопроцентен успех!

https://p.dw.com/p/F4Q2
Досега рацете горе само во знак на протест - на радоста уште чека: Јирген Клинсман, тренер на Баерн (М)Фотографија: AP

Јирген Клинсман секако поинаку си го замислуваше стартот како тренер во Бундеслигата: две средби, ниедна победа - и тоа со екипа која е апсолутен фаворит на првенството. Баерн Минхен и во второто коло одигра само нерешено, навистина на жешкиот терен во Дортмунд. „Се разбира дека радо сакавме да победиме, но задоволни сме и со бод, а наредната недела мораме со една тројка вистински да тргнеме“ - рече Клинсман, свесен дека веќе нема простор за натамошни половични резултати.

Во Борусија (Д), пак, веќе во првите два настапа - победата против Баер во Леверкузен и ремито дома со Баерн - се гледа ракописот на новиот тренер Јирген Клоп. „Мислам дека го добивме тоа што и го заслуживме - повеќе од 1 спрема 1 не беше можно. Мора да учиме она што го планираме уште поконсеквентно и да го спроведеме во сите 90 минути“ - коментира Клоп.


Хофенхајм го „води орото“!


Идентичен резултат донесе и второто дерби на колото, средбата Вердер - Шалке. И Вердер уште ја чека првата победа - вината за тоа тренерот Томас Шааф ја гледа во сопствените редови: „Со играта севкупно можеме да бидеме задоволни, со резултатот се разбира не. Моравме да го решиме натпреварот во наша полза, го пропуштвме тоа и не смееме сега да се жалиме“.

Гостинскиот тренер Фред Рутен рече: „По примениот гол имав чувство дека во екипата има волја за да изедначи. Кога тоа ќе успее толку доцна, може да се каже дека имавме многу среќа“.

На чело на табелата по второто коло е дебитантот во првата лига Хофенхајм, единствена екипа која забележа две победи. Во второто коло дома ја совлада Борусија Менхенгладбах, познаник од второлигашкото друштво, со 1 спрема 0. Во врвот со по три бодови се и Херта Берлин, иако против Арминија Билефелд одигра само нерешено 1 спрема 1, и Хамбургер, по победата над Карслруер со 2 спрема 1.


Добра претстава на Баер (Л), Бохум „прокоцка“ победа


Баер Леверкузен „се извади“ за поразот на стартот дома до Борусија (Д) со победа на гости во Штутгарт со 2 спрема 0. Новиот тренер Бруно Лабадија без еуфорија ја коментираше победата и добриот впечаток: „Игравме многу агресивно, со постојани проигрувања, што е наша сила. Мислам дека ако се погледа статистиката на натпреварот, ќе се види дека многу добро настапивме со нашиот млад тим и заслужено дојдовме до победата“.

Нерешено, но занимливо беше во Бохум, каде истоимениот тим и гостинот од Волфсбург одиграа 2 спрема 2. „Најчесто е така - водиш со 2 спрема 0 и во некое катче од умот ти се врти: о-кеј, сега можеме малку да се опуштиме. Противникот знае дека мора да запне - тие тоа и го направија, па се’ стана малку понервозно. На крајот уште и по сопствена грешка дојде до изедначување“, објаснува тренерот на Бохум Марсел Колер. Феликс Магат, тренер и спортски директор на Волфсбург, нема приговор на резултатот во Бохум, но нема ни објаснение за слабостите на неговиот тим: „За мене е загатка зошто ние од почетокот не игравме консквентно и со притисок врз домаќинот. Ако во првото полувреме се избегнуваат дуели и му се препушта иницијативата на противникот, тогаш тешко може да се добие натпреварот“.


Победата му беше на дофат на Келн


Во петокот Хановер дома одигра 0 спрема 0 со Енерги Котбус. Во слабиот натпревар без шанси гостите донекаде се рехабилитираа за поразот во првото коло дома.

Неуспешна премиера пред своите навивачи имаше Келн, иако работите се одвиваа во поволна насока: како и во првото коло, Келн поведе и против Ајнтрахт Франкфурт и тоа преку истиот стрелец - Новаковиќ. Но, Антар не успеа да реализира пенал, а казната стигна пред самиот крај, кога гостите го изедначија резултатот. И покрај тоа, тренерот Кристоф Даум немаше многу приговори. „Во текот на целиот натпревар му дозволивме на противникот само една единствена шанса, а самите имавме две стопроцентни, но искористиве само една. На тимот, всушност, можам само да му оддадам признание за начинот на кој се прилагодува и како се бори во Првата лига“. Даум очекува во наредните натпревари да дојде и наградата - три бодови и прва победа.

Сосем спротивно расположение кај тренерот на гостите Фридхелм Функел: „Не игравме добро. Во првото полувреме не направивме ништо во нападот и можеме целосно да бидеме задоволни со нерешен резултат. Имавме сосем малку шанси и, фала Богу, една од нив искористивме“.



►◄