1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делумен успех против излеаната нафта

17 мај 2010

Првпат по речиси четири недели, откако во Мексиканскиот залив непречено истекува нафта, „Бритиш петролеум“ го објави првиот делумен успех: експертите вовлекоа нова цевка со која нафтата се пумпа и пренесува на танкери.

https://p.dw.com/p/NPnN
Фотографија: AP

Конечно позитивна вест во врска со борбата против нафтата која истекува во Мексиканскиот залив: по низата неуспешни обиди, техничарите со подводни роботи успеаја да дојдат до длабочина од 1600 метри и таму да постават цевка од 15 сантиметри, преку која барем дел од нафтата се спроведува во главната цевка, и оттука на танкери на површината, соопшти портпарол на британскиот нафтен концерн „Бритиш петролеум“. Нејасно е колкав процент може да биде опфатен со оваа конструкција, максимално би биле 85 проценти, се вели од експертски кругови. Но, додека целосно да бидат санирани двата отвори на дното на морето од кои истекува нафтата, ќе поминат недели, гласат проценките.

Бреговите остануваат поштедени

Она што зачудува е што до бреговите на американските сојузни држави Луизијана, Мисисипи и Алабама стигна само малку од нафтената дамка. Биолозите открија зошто - нафтата се собира под површината на водата, а една од причините можат да бидат хемикалиите кои беа употребени во отворите од кои истекува нафтата на дното на морето. За таквата постапка во САД се водат жестоки дискусии. Даг Сјутлес од нафтениот коцерн „БП“ ја оправдува употребата на хемиски средства и укажува на први успеси: „Нафтата во морето е прилично проширена, но и покрај големите количества кои истекоа, досега има мали последици на бреговите, благодарение делумно и на нашите напори, но и на мајката природа“.

Ölpest im Golf von Mexiko - Ölteppich
Нафтената дамка достигна огромни размериФотографија: picture alliance / dpa

Предноста на хемикалиите е што ја разложуваат нафтата. Но, еколозите сепак ја критикуваат оваа постапка. Експертот за морска токсикологија Рики От објаснува: „Секој може да направи експеримент во својата сопствена кујна. Наполнете сад со вода, турете масло, тоа испливува на површина. Ако додадете средство за миење садови, ќе забележите-маслото го нема од површината, но тоа всушност не исчезнало, туку се наоѓа во водата разложено на мали делови. За да се разложи нафтата, неопходни се средства, кои се отровни.“

Помалото од две зла

Американските служби за екологија и американската крајбрежна стража дадоа согласност за употребата на хемикалии, но одговорните не се сосем убедени во исправноста на постапката. Мери Лендерс од крајбрежната стража: „Внимателно ќе ги анализираме и следиме овие средства“, ветува таа.

Досегашните испитувања веќе покажаа дека хемикалиите и разложената нафта немаат толку лоши последици врз екосистемите колку што би ги предизвикала чистата нафта.

Автор: Клас Кастан/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска