1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократизацијата доаѓа и преку компјутер

29 септември 2011

Во Охрид се одржа Втората меѓународна конференција за е-демократија. Македонија брзо напредува во оваа област. Граѓаните малку знаат за придобивките и со недоверба гледаат кон процесите.

https://p.dw.com/p/12iwY
Поврзувањесо институциите на државата преку интернетФотографија: DW-Montage/bilderbox.de

Еден од начините за демократизација на општеството е државата да им се доближи на граѓаните и преку информатичката комуникациска технологија. Македонија полека станува лидер во југоисточна Европа по употребата на ИКТ решенијата. Во последниве шест години македонската влада со брз ритам работеше на развојот на информатичкото општество и покрај економската криза, вели министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Воведовме е-влада, е-парламент и додава конкретен пример: „Четиристотини шеесет и четири закони кои беа донесени од владата и парламентот беа поминати низ систем каде што граѓаните можат активно да коментираат додека тие се во фаза на изработка. Всушност тоа е највисокото ниво на едно демократско општество“.

Но, реално процентот на лицата кои знаеле за овој и други зафати и коментирале не е голем. Проценките велат дека шеесет одсто од населението во Македонија има интернет, а само десет проценти ја следат работата на институциите преку компјутер.

Mazedonischer Minister für Informatik Ivo Ivanovski bei der internationalen Konferenz für e- Democracy in Ohrid
Меѓународна конференција за е-демократија во ОхридФотографија: DW

„Ние од постарите генерации сме научени со директна комуникација на шалтер или преку телефон со службениците, да не упатат, што натаму. Сметам дека за нас е потребна дополнителна едукација за тие информации да се корисни и за нас“, вели Ники чија работа е секојдневно поврзана со чекањето пред администрацијата.

Сашо е занаетчија. Компјутерот и сурфањето не му се туѓи: „Законот за занаетчиска комора го знам напамет. Прочитан и симнат преку интернет. Буквално секоја институција и најмала фирма веќе има своја веб страница. Што и да ве интересира, ако се ангажирате можете и да најдете“.

Во иднина на шалтерите ќе ве чекаат љубезни административци?!

Државната администрација, особено онаа која што е во контакт со граѓаните се најде на оценка. Како пилот проект „семафорот на угледот“ е веќе поставен во Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар, Фонд за здравство, Централен регистар, открива министерот Иваноски: „Од последната анализа што ја имаме отприлика 80 проценти од граѓаните се задоволни од администрацијата. Има делумно незадоволни, доколку нивниот предмет не е решен на време. Граѓаните ќе можат да го оценуваат службеникот преку интернет“.

Symbolbild Frauen im Büro / gutes Verhältnis Chef und Mitarbeiter
Фотографија: picture alliance/chromorange

Со ова шалтерските работници се на удар. Стравот од манипулации и непринципиелност постои: „Можат да постојат лични проблеми, некој тоа да го искористи, за некому да наштети. Дали ќе профункционира како систем не знам“, вели Ники.

Иднината е во информатиката и комуникациската технологија

Блаж Голоб директор на Центарот за развој на е-влада во Љубљана, коорганизатор на конференцијата потврди дека Македонија станува референтен центар во регионот за информатика и глобално потсети:

„Денес голем проблем е неповрзаноста меѓу политичките елити и граѓаните. Кога седум билиони луѓе се менаџираат од 193 земји, голем предизвик е како владите управуваат со ресурсите и како одговараат на потребите на граѓаните или бизнисите во обезбедувањето подобра иднина со алатката информатичко општество кон што тежнее и Македонската влада, што е и светски тренд“.

Во Охрид, искуствата од е-технологијата во служба на граѓаните ги разменија стотина учесници од 17 земји, кои разговараа и за иницијативата „Отворена влада“ потпишана минатата недела во Обединетите Нации, вели, Васко Кронески извршниот директор на фирмата „Некстсенс“ организатор на конференцијата.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска