1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократијата не е услов за економски успех

Ерик Сегуеда/Б. Георгиевски14 февруари 2013

Политичката слобода не е нужно предуслов за економски раст. Тоа го докажува молневитиот економски развој на голем број земји во кои почитувањето на човековите права не е на завидно ниво

https://p.dw.com/p/17c1n
Фотографија: Reuters

Заговорниците на слободарските идеи и на демократскиот правен поредок можат да се радуваат на напредокот на некои латино-американски држави. Како пример би можеле да ги земат оние земји каде политичките слободи и економскиот успех одат рака под рака. Па така, Коста Рика, Чиле и Уругвај забележаа значајни резултати во развојот. Според индексот на слободен економски развој (ИДД) во 2012. година тоа биле најуспешните национални економии во регионот.

Во Африка пак, Гана, Боцвана и Јужноафриканската република, важат за добри примери. Експертите предвидуваат дека овие земји на среден рок би можеле да забележат раст од цели 6 проценти.

„Демократијата влијае врз човековиот развој, на пример на здравјето и на образованието“, објаснува Јерг Фауст од германскиот Институт за развојна политика и додава дека таквото влијание се забележува и во африканските држави. „Него го следи и економскиот развој“, вели Фауст.

Клучот е во политичката стабилност

Долго време, начелно се веруваше дека стопанскиот развој на некоја земја зависи од степенот на демократија во неа. Според таа теорија, демократијата ги гарантира политичките и граѓанските слободи и им овозможува на граѓаните да преземат иницијатива, а тоа се важни фактори за развој. Се покажа, меѓутоа, дека има полно примери на земји со авторитарни режими кои во подолг временски период бележат значаен економски раст. Јерг Фауст го наведува примерот на Мексико меѓу 1940. и 1960. години или Кина во последните две децении. Тука спаѓаат и некои авторитарни режими во Африка, како оние во Етиопија и Руанда.

Dr. Jörg Faust vom Deutschen Institut für Entwicklungspolitik
Д-р Јерг ФаустФотографија: Dr. Jörg Faust

„Овие земји покажуваат дека и во такви режими е можно да се оствари економски раст“, смета Фауст.

Во Кина владата не покажува голема толеранција за независните иницијативи и здруженија. Владата во Руанда е позната по тоа што своите критичари ги става зад решетки, додека режимот во Етиопија ги блокира интернет-страниците на опозициските групи. Сепак, економиите на овие земји се развиваат. Со 8,1 и 9,7 отсто стопански раст Руанда и Етиопија бележат далеку повисоки стапки од остатокот на субсахарска Африка. Тоа се фрапантни бројки, но тие се и логични, вели Куаку Кофи, доцент за анализи и развој од Универзитетот Витватерсранд во Јужноафриканската република: „За некоја земја да оствари економски раст, потребни е извесна дисциплина. А за таа дисциплина потребна е цврста рака“. Одредени земји за својот економски раст треба да му заблагодарат на раководството кое владее со цврста рака, објаснува Кофи.

Според Јерг Фауст, едно од објаснувањата зошто авторитарните режими се успешни е и фактот што во тие земји се остварува политичка стабилност која овозможува сигурна подлога за економски развој.

Кој профитира?

Дилемата која останува е дали од економскиот развој во овие земји профитира поголемиот дел од населението. Дали автократите се премногу ориентирани кон економскиот раст, а не водат сметка за образованието и здравјето? Фауст не мисли така: „Доаѓа до подобрување и на апсолутното ниво на човековиот развој, како на пример во намалувањето на сиромаштијата и до подобра здравствена превентива“.

African Union, Addis Abeba, Äthiopien
Адис Абеба, ЕтиопијаФотографија: DW

Во Индексот на човековиот развој во кој се зема предвид и просечната животна старост, училишното образование и стапката на сиромаштија, земјите како Кина, Етиопија и Руанда имаат значително подобрени позиции. Но една е извесно, нагласува Фауст: „Нееднаквоста драматично расте“. Во авторитарните режими профитира една релативно мала група и тоа во надпропорционални размери.

Во секој случај, Лајал Вајт од Универзитетот во Преторија, Јужна Африка вели дека економскиот развој му носи полза на целото општество. „Населението профитира, иако не така брзо како што би посакувале. Тоа е многу бавен процес“, вели Вајт.