1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократско право на ДУИ е да протестира

Горан Петрески4 август 2006

Политичките сили во Македонија не се вознемируваат многу од најавите на ДУИ дека од понеделник со масовни протести ќе го изразува незадоволството од неучеството во новата влада

https://p.dw.com/p/Adcv
Едно од избирачките места во Македонија
Едно од избирачките места во МакедонијаФотографија: picture-alliance

Во ДПА велат дека не чувствуваат потреба да ги коментираат најавите на нивните политички ривали. Во СДСМ, политичкиот сојузник на ДУИ во владата на заминување, велат:

“Сите активности кои не го загрозуваат јавниот поредок и јавниот ред и мир, и секое собирање кое е дозволено со Законот за јавни собири не треба однапред да бидат осудени. Ние очекуваме дека сите активности кои што ќе бидат преземени од страна на ДУИ, ќе бидат согласно Законот за јавни собири“, изјави Никола Ќурчиев од СДСМ.

И останатите партии немаат коментар. Само во партијата што победи на изборите се огласија со конкретен став:

“Демократско право е на секоја партија да протестира кога тоа го прави на демократски начин, а според најавите овие протести ќе бидат такви. Ние ја поздравуваме одлуката на пратеницте на ДУИ да останат во парламентот и да не ги враќаат мандатите, бидејќи тоа е местото каде што може да се дебатира и води дијалог. Ние ги повикуваме на дијалог во собранието. Како и да е, ние го респектираме нивното право на демократски протести, бидејќи ние како партија сме го користеле ова уставно право и почитуваме кога друг ги користи истите демократски средства“, рече Александар Бичиклиски од ВМРО ДПМНЕ.

Во неговата апртија не откриваат детали за составот на новиот владин кабинет, но велат дека преговорите меѓу партиите финишираат и оти владата може да биде формирана и порано од предвидениот рок за тоа. Според комбинаториките, анонимни партиски извори велат дека во новата влада ДПА ќе добие 5 ресори, НСДП засега има едно сигурно, либералите и социјалистите сметаат исто така на еден рессор, а ДОМ и ПЕИ ќе учествуваат во вториот ешалон на власта.