1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска во Берлин започнува судење за „аферата Хојцер“

18 октомври 2005

Најголем процес во германскиот фудбал за последните повеќе од 30 години

https://p.dw.com/p/AekF
Роберт Хојцер
Роберт ХојцерФотографија: AP

Во судскиот процес треба да бидат разоткриени методите за манипулација на фудбалските натпревари од страна на хрватската мафија ангажирана во спортските обложилници. Истражните акти се базираат врз изјавите на 26-годишниот Роберт Хојцер, поранешен фудбалски судија.

На 19-ти јануари годинава четворица фудбалски судии од Берлин го информираа Германскиот фудбалски сојуз за неправилностите на натпреварите судени од Роберт Хојцер. Обвинителството поведе истрага, а Хојцер на 27-ми јануари во писмена изјава го призна она за што беше обвинуван. Тој тврдеше дека во скандалот се вмешани и други судии и играчи:

„Да, тоа е точно“.

- „Можете ли да навестите колкави размери има целава работа?“

„За фудбалот има огромни размери“.

Уследи рација во едно берлинско кафуле, при што беа уапсени 4 лица за кои се претпоставува дека ги влечеле конците. Меѓу нив се тројцата браќа Анте, Филип и Милан Сапина од Хрватска. На почетокот на февруари беа извршени претреси во десет германски сојузни покраини. На удар на истрагата се најдоа вкупно 25 лица, меѓу нив 14 фудбалери од шест клубови; некои неправедно, како што се покажа подоцна.

Во телевизиски настап Хојцер призна дека постапувал од алчност и оти за четири натпревари, чиј резултат го режирал, добил вкупно 67 илјади евра: „Пред кафулето стоеја многу скапи автомобили, што силно ме импресионира. Дојдов во ситуација и самиот да посакам малку да работам, а да имам многу. Тоа беше процес што тече и јас веќе не го ни сфаќав. Во секој случај тоа беше алчност за пари“.

Неколку денови подоцна Хојцер беше уапсен и помина две недели во истражен затвор.

Кон крајот на април Германскиот фудбалски сојуз на вонреден конгрес ја заклучи обработката на скандалот. Хојцер беше доживотно суспендиран и исклучен од судиската организација. „Никој не може да ни префрли дека кога и да е нешто прикривавме. Ние обелоденивме се’, ја разјаснивме работата и изрековме казни каде што беа потребни. Случајот не е судски заклучен и дотогаш не можеме сосем да ги затвориме актите“ – рече претседателот на Сојузот Тео Цванцигер.

Кон средината на мај и Анте Сапина проговори и обвини 10 играчи од регионалната лига и 4 судии, меѓу нив и еден од Првата лига. На крајот на јуни берлинското обвинителство подигна обвинение против шест лица. Во обвинителниот акт од 200 страни се наведени 23 манипулирани фудбалски средби. Скандалот не ја зафати Бундеслигата – судијата Јансен, се покажа, не примил пари.

Ларс Бекер