1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Денеска извештај - какви тајни крие системот АКМИС?

7 декември 2017

Јавноста со огромен интерес го очекува Извештајот кој треба да открие дали судските предмети се распределувале електронски и по случаен избор или се давале на рака на „подобни судии“.

https://p.dw.com/p/2ouhr
Mazedonien Strafgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денеска во Министерството за правда (15 часот) ќе бидат објавени клучните наоди од увидот во користењето на системот АКМИС - Автоматизиран информациски систем за управување со судските предмети (Automated Court Case Management Information System - ACCMIS). Извештајот ќе го презентира министерот за правда Билен Саљији, во присуство на заменик-министерот Оливер Ристовски и двајца претставници на Комисијата која го вршеше увидот во судовите - државниот советник во ресорот правда, Валентина Шаурек, и судијата Лазар Нанев.

Јавноста со огромен интерес го очекува овој Извештај, кој треба да открие како се користел системот наменет за електронска распределба на судските предмети: дали тие навистина биле распределувани по случаен избор или се давале на рака на „подобни судии“ во зависност каков е политичкиот интерес за разврска на одреден предмет, односно дали е тоа предмет на СЈО и кај кој судија би било добро да биде „распределен“. Сомнежи за манипулативна распределба на предмети беа нотирани и во првиот Извештај на експертската група предводена од Рајнхард Прибе: „Постои перцепција дека овие правила не се секогаш почитувани и дека може да се најдат начини за да се заобиколи системот“.

Повеќе на темата:

-Реформскиот булдожер не смее да биде во лер

-Од Судот две години протекувале тајни службени податоци?

-Кривичниот суд на систематски преглед

 

Увидот фокусиран на 2016 и 2017 година

Но, дека тоа не е само перцепција, туку дел од судската практика, досега потврдија повеќе судии. Некои за тоа и писмено реагирале до Судскиот совет, но тој до денес не расправал за посочените злоупотреби на системот, со образложение дека „кај нив не стигнале такви поплаки“, дека „уште еднаш ќе проверат“ и. т.н. По ова, Министерството за правда формираше Комисија која на 5-ти октомври го започна увидот во употребата на системот АКМИС во Кривичниот суд, на 9-ти ноември во Апелациониот и на 17-ти ноември во Врховниот суд. Комисијата била фокусирана на употребата на системот во 2016 и 2017 година. 

Mazedonien Strafgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Записниците од увидот на Комисијата во трите судови се примени, прегледани, анализирани, и денеска јавноста ќе добие јасен преглед како се употребувал овој систем. Притоа Министерството ќе предложи и соодветни препораки со кои треба да се елиминираат какви било злоупотреби во иднина“, велат од ресорот правда. Оттаму веќе најавија дека контролата на системот во иднина ќе се врши во континуитет. 

„Ќе се врши перманентна контрола на АКМИС-от. Независно ревизорско тело, покрај Министерството за правда, еднаш годишно ќе врши контрола на распределбата на предметите кај судиите. Ова мерка се спроведува по препорака на Европската комисија, а ќе го земеме примерот од Хрватска“, изјави деновиве министерот за правда.

Кривична одговорност

Од Министерството засега не откриваат детали од наодите, со образложение дека нив ќе ги соопшти министерот, но ги потврдуваат првичните сознанија од увидот, што неофицијално протекоа во јавноста: дека се регистрирани злоупотреби на системот АКМИС во Кривичниот суд, дека се забележани друг вид отстапки во Врховниот, но и дека ништо спорно не било утврдено во Апелациониот. Доколку ваквите наводи и официјално се потврдат со финалниот извештај на Комисијата, дополнителна работа ќе имаат и Судскиот совет, но и Јавното обвинителство. Дел од судиите во изминатиот период посочуваа дека ако се местеле предмети, одговорноста за тоа паѓа врз претседателите на судовите.

„Има од 3 до 5 години казни, но сепак зависи за какво кривично дело и под кој став ќе биде. Дали ќе биде квалификаторно или неквалификаторно. Верувам дека за претседателот на судот треба да биде квалификаторен елемент, бидејќи тој е овластено службено лице кое треба да води сметка да нема злоупотреба на АКМИС-от, а не да прави злоупотреби на овој систем“, изјави неодамна врховниот судија Шпенд Деваја, за ТВ „Алсат-М“.

Контрола на целиот период

Но, меѓу дел од судиите владее и ставот дека таква одговорност може да се бара откако увидот врз употребата на системот АКМИС ќе се прошири на целиот период од неговото функционирање, а не само во последните две години. За ова под почеток се залага и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој најави контрола која ќе ги опфати сите судови откако системот почнал да се применува.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht Gebäude
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ако во проверката не биде опфатен целиот период од функционирањето на АКМИС до денес, подготвен сум да формирам Комисија, која со помош на експерти од компјутерскиот центар на Врховниот суд ќе спроведе сеопфатна проверка“, изјави тој за ДВ во октомври.

Системот АКМИС е воведен со Измените и дополнувањата на Судскиот деловник („Службен весник на РМ“ бр.71/07, 157/09). Изработен е од компанијата „Едусофт“ од Скопје а почна да се применува од 2010 година. Електронската распределба на судски предмети е само еден сегмент од можностите што ги нуди. Тој ги автоматизира и следи сите аспекти и фази од животниот циклус на предметите, може да функционира во сите видови на судови со различна организациона структура, обезбедува безбедност на информациите, како и подобрена статистика и мониторинг.